Портите на Европа остануваат затворени за Македонија, се додека не си ги реши проблемите со соседите. Ова е епилогот од скапиот и масивен Преспа форумот за дијалог, кој граѓаните ги чинеше 100 илјади евра буџетски пари. А одржувањето го помогнале и бројни компании, објави Алфа.
– Владата со одлука во ноември 2020, распредели 6 милиони денари за да се организираат и реализираат првите настани во рамките на овој проект. Покрај ова, се јавија за помош исто така и бројни компании кои како партнери придонесоа во организирањето и реализацијата на најголемата меѓународна конференција што државата некогаш ја има организирано, за што сме посебно благодарни, велат од МНР.
Но, не е познато и што добивме и дали воопшто нешто добивме од неговото одржување? Во Охрид навистина се прошетаа голем број видни дипломати, но три дена подоцна се слушаат само-пофалбите од власта.
– Преспа форум дијалогот што пред неколку дена се одржа во Охрид е историски важен настан кој носи зајакнување и дополнителна афирмација на нашите меѓународни позиции. Како никогаш досега сведочиме на силна, и на дело потврдена поддршка од нашите сојузници од западниот свет, изјави Костадин Костадинов.
Реалноста е сепак дека Македонија не доби ништо конкретно во однос на напредокот во евроинтеграциите. Но, добивме порака дека доколку сакаме да одиме напред кон Европската унија, ќе мора во имињата на јавните субјекти да ставиме Северна, но и да извршиме промена во учебниците. Оваа порака стигна ни помалку ни повеќе од Алексис Ципрас, кого премиерот Заев го претстави како добар пријател и на приватен план.
– Имплементацијата на договорот треба да продолжи доследно, особено со имињата на јавните субјекти и промената на школските книги. Единствениот пат за да продолжиме напред е да продолжиме да градиме доверба меѓу нас. И се разбира ова е патот за да продолжи интеграцијата на Македонија, ни порача Ципрас.
Преспа форумот за дијалог беше одржан во чест на тригодишнината од потпишувањето на договорот со Грција, со кој Македонија го промени уставот и името на државата. Сепак во Охрид не дојде ниту еден претставник од грчката Влада, единствен гостин од Атина беше Алексис Ципрас, кој во моментов е лидер на грчката опозиција.