Полицијата поднела кривични пријави против две вработени во основно училиште во Кавадарци под сомнение дека неовластено пристапиле до компјутерски систем и злоупотребиле лични податоци, потврдија за МИА од Секторот за внатрешни работи Велес.

Од таму соопштија дека Основното јавно обвинителство во Кавадарци добило пријави против В.Т. (47) и М.Т. (52), двете од Кавадарци, за кривични дела „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ согласно член 251 и „злоупотреба на лични податоци“ по член 149 од Кривичниот законик.

Според наодите, наставничката В.Т. на 4 септември 2025 година во училница користела службен лаптоп на кој останал отворен приватниот профил на социјална мрежа на колешка. Таа го фотографирала разговорот без дозвола и ги испратила снимките до директорката на училиштето, М.Т.

Полицијата утврдила дека В.Т. подоцна ја пронашла и лозинката од профилот на оштетената и на 5 и 7 септември повторно фотографирала лични пораки, кои повторно ѝ ги доставила на директорката. Според пријавата, М.Т. ги споделувала добиените содржини со други колеги.

Инцидентот бил пријавен по наставнички совет на 19 септември, кога оштетената укажала дека приватни пораки од нејзиниот профил биле фотографирани и испратени на други лица. Тогаш, според сведочењата, директорката ѝ се заканила дека доколку пријави, ќе ги испрати сите пораките до останатите вработени.