Натали Портман изјави дека се чувствувала како „натрапничка“ кога му се приклучила на снимањето на „Тор: Љубов и грмотевица“ (Thor: Love and Thunder).

Во претходните делови на хит-серијалот на „Марвел“, ликот на Портман, Џејн Фостер е смртничка, но „љубовна цел“ на нордискиот бог Тор. Во новото продолжение, очекувано беше таа да стане и суперхерој… Сепак, глумицата истакна дека морала да „смисли како да се вклопи“ во таа донекаде нова улога, заедно со досегашните главни чинители – Крис Хемсворт, Теса Томпсон и новозеландскиот режисер Таика Вајтити.

– Толку е чудно кога се навраќаш на нешто многу познато, но некако, и како да си „ново дете“… Бидејќи Крис и Теса, и Таика работеа заедно на „Рагнарок“ (претходниот дел од филмот, б.п.) и беа така успешни и, сѐ изгледаше како друштвото повторно да се собира, а јас сум онаа новајлијка таму, обидувајќи се да сфатам како да се вклопам, изјави Натали Портман.

Но, вели, бргу се прилагодила, пренесувајќи ја блискоста од вистинскиот живот.

– Имаше многу блискост и удобност и во тој свет – тоа беше таа чудна мешавина да се биде и ветеран, и почетник во истовреме. Јас бев таму и на почетокот. Но, во истовреме сум и „натрапничка“ во оваа група, додаде таа.

Портман работела со Хемсворт на претходните „Тор“ филмови, а со Томпсон и на филмот „Анихилација“ (Annihilation) од 2018 година.

– Има љубов и партнерство што ги имаме во вистинскиот живот, а кои мислам дека тоа се гледа и во нашите сцени. А, да се види како тоа сестринство се одразува на екранот, мислам, како го отсликува нашиот вистински живот на снимањето, што беше толку убаво нешто… Тоа е само некој со кого може да се смеете и да разговарате за тие нешта – на вашето работно место, објасни Портман

„Тор: Љубов и грмотевица“ излегува во кината ширум светот оваа седмица.