На годишната конференција на НАТО за контрола на вооружувањето, Столтенберг рече дека повеќе земји, не само Русија, мора да бидат вклучени во идните разговори за контрола на ракетите, пишува АП.
„Како глобална сила, Кина има глобални одговорности во контролата на оружјето. Пекинг исто така ќе има корист од меѓусебните бројни ограничувања, зголемената транспарентност и поголемата предвидливост“, рече Столтенберг, додавајќи дека тие се „темелите на меѓународната стабилност“.
„Кина гради голем број ракетни силоси, што може значително да ги зголеми нејзините нуклеарни способности. Сето ова се случува без никакви ограничувања и со целосен недостиг од транспарентност“, рече Столтенберг.
САД во 2019 година се повлекоа од договорот за нуклеарни проектили со среден дострел (ИНФ) од 1987 година, обвинувајќи ја Русија за кршење на билатералниот пакт.
Русија негира дека ги прекршила правилата на договорот.
Кога тој договор се распадна, Кина продолжи да произведува нуклеарно оружје и досега не покажа знаци дека е склона да се приклучи во преговорите за неширење на нуклеарното оружје.
Столтенберг го поздрави договорот меѓу САД и Русија за продолжување за уште пет години на новиот договор СТАРТ, кој го ограничува нивното стратешко нуклеарно оружје и додаде дека треба да се додадат повеќе видови оружје во договорот, вклучително и нови технологии како што е вештачката интелигенција.