Денеска, 21 мај, низ низа активности се одбележува Националниот ден на Власите – празник кој годинава навршува 120 години од неговото историско воспоставување. Централниот настан ќе се одржи вечерва во Македонскиот народен театар со почеток во 18 часот, преку свечена академија под мотото: „120 години – Столб на балканската историја, сегашност и иднина“.

Настанот е организиран од Министерството за односи меѓу заедниците, во соработка со влашки здруженија, културни институции и јавни организации.

Според организаторите, оваа манифестација е можност да се оддаде почит на истрајноста, културниот идентитет и придонесот на влашката заедница во општествениот и културниот живот на Македонија.

На свеченоста свои обраќања ќе имаат:

  • Премиерот Христијан Мицкоски

  • Вицепремиерот Иван Стоилковиќ

  • Претседателот на ПВМ Стерјо Папули

Стерјо Папули утрово гостуваше на нашата утринска емисија на Радио Лидер.

Програмата ќе биде збогатена со настапи на Хорот „Злата Мегленска“, уметниците Марија Костова, бендот „Бона Деа“, како и пејачката Елена Џика од Скопје. Публиката ќе има можност да ужива и во изведбите на „Пеперутки од Штип“, дуетот Леона и Ребела Јанкоски од Крушево, дуетот Александар и Дац, како и влашката музичка група „Армањ Пирифањ – Горди Власи“ од Скопје.