Нацрт-извештајот за Македонија презентиран во ЕП
Известителот Томас Вајц пред Комитетот за надворешни работи го претстави нацрт-извештајот за напредокот на Македонија, оценувајќи дека за регионот, а особено за земјава, во моментов е отворен значаен прозорец на можности. Тој вели дека е постигнат напредок, особено во делот на инфраструктурата. Тој нагласи дека Владата не смее да ја пропушти оваа шанса во процесот на европска интеграција.
И покрај постигнатиот напредок во Коридорите 8 и 10, приклучувањето кон СЕПА, поддршката за Украина, спроведувањето на реформската агенда и затворањето на скрининг-процесот, уставните измени остануваат клучен услов за понатамошен напредок кон членство во Европската унија.
Уставните измени како клучен услов
Во своето обраќање, Вајц потенцираше дека правата на малцинствата за културно изразување и самоопределување се составен дел од европската легислатива, а со тоа и од преговарачката рамка и заклучоците на Советот.
„Многу е јасно дека правата на малцинствата за културно изразување, самоопределување, се дел од нашата европска легислатива, а со тоа и дел од преговарачката рамка и заклучоците на Советот. Има потреба да се исполни овој услов за додавање на дополнителни малцинства, заедници во уставот кои се присутни во земјата“, нагласи Вајц.
Европратениците оценија дека Македонија предолго се наоѓа во чекалницата на ЕУ
Европратениците оценија дека Македонија предолго се наоѓа во чекалницата на Европската унија и дека граѓаните се изморени од долгиот процес. Дел од нив посочија дека е направен значителен исчекор во реформите во јавната администрација, но дека напредокот во владеењето на правото, борбата против корупцијата и медиумските слободи останува недоволен.
Антонио Тангер Кореа изјави дека Европската унија мора да покаже поинаков пристап и поголема поддршка кон регионот.
„Ние мора да разбереме дека тие прават сè што можат во Северна Македонија и пристапот треба да биде различен. Треба да дадеме повеќе поддршка бидејќи нема да ги постигнеме нашите цели и се согласувам со колегите дека ЕУ треба да биде фактор на стабилноста, а не на поларизираноста. Наша обврска е во регионот да обезбедиме мир. Балканот е дел од Европа ако не ги интегрираме ќе имаме секакви проблеми“, изјави Кореа.
Од своја страна, Станислав Стојанов посочи дека недостига политичка волја за спроведување на договорените уставни измени.
„Македонија многу долго чека, граѓаните се изморени, но политичките елити не се уморни и ова покажува дека недостига нивната политичка обврска. Ова е голема штета и значи дека може да чекаат не само една декада, туку 120 години за одреден прогрес. Тешки беа и преговорите во минатото. Не видовме промени во уставот кои беа договорени. Недостасува политичка волја за навистина да се продолжи со процесот кој беше преговаран со Бугарија“, нагласи Стојанов.
Претставничката на Европска комисија оцени дека процесот на пристапување може повторно да добие динамика.
„Процесот на пристапување повторно може да заживее. Плановите за реформи на Македонија повеќе не се успорени со изборниот процес. Властите имаат сè во свои раце да ги спроведат клучните реформи во 2026-та година, и неодамна видовме позитивни сигнали во тој поглед. Северна Македонија неодамна, исто така постигна напредок во почетните критериуми за кластерот еден“, изјави претставничката на Комисијата.
До 6 март европратениците имаат можност да поднесат амандмани на нацрт-извештајот, додека гласањето во Европскиот парламент е закажано за 5 мај.
