Кратките, интензивни активности се покажале како клучен фактор за здравје и долговечност
Здрава исхрана, доволно сон и теретана бараат време, но новата студија објавена во Nature Medicine покажува дека нешто едноставно, како три минути интензивно движење дневно, може да биде клучен фактор за здравје и долговечност, дури и кај лица кои не вежбаат редовно.
Истражувањето, според порталот MindBodyGreen, било спроведено од научници од Австралија и Европа, кои анализирале податоци од 25.241 лице, корисници на UK Biobank. Просечната возраст на учесниците била 62 години, а нивното здравје било следено скоро седум години.
Во тој период починале 852 учесници – 511 од рак, 266 од кардиоваскуларни заболувања. Но, оние што секојдневно правеле три едноминутни епизоди на кратка, интензивна активност имале 39% помал ризик од смрт од сите причини. Ризикот од кардиоваскуларна смрт бил намален за 49%, а од рак за 30%.
Не ви треба теретана, доволни се скали или трчање до автобус
Што точно значи „интензивна активност“ и како лесно да ја примените.
Според коавторот на студијата, проф. Марк Хамер од Универзитетскиот колеџ во Лондон, интензивната активност може да биде нешто едноставно:
„Играње со децата, трчање по автобус или одење по скали, тоа се активности што ги правиме секојдневно“, објасни тој за The Guardian.
Водечкиот истражувач, проф. Емануел Стаматакис од Универзитетот во Сиднеј, посочува дека ако за време на активноста не можете да зборувате цела реченица, тогаш сте во зоната на висок интензитет.
Ова е добра вест за оние што немаат време или услови за редовно тренирање. Интензивните епизоди не бараат пресоблекување, рано будење или скапа опрема. Можете да се качите по скали, да направите десет склекови, да скокате јаже или само да трчате по ридот во близина.
Не ви треба маратон – ви треба движење
Три минути дневно можат да направат разлика. Резултатите од оваа студија ја надополнуваат сè поголемата база на докази дека и кратките налети на вежбање имаат долгорочни здравствени придобивки. Тие ја прекинуваат седечката рутина, ја подобруваат сила и го намалуваат ризикот од сериозни заболувања.
Заклучокот е јасен: три едноминутни епизоди на интензивна активност дневно можат драматично да го подобрат вашето здравје и да го продолжат вашиот живот – без потреба од специјални услови или напорна рутина.