Историско раѓање од 31 година стар ембрион

Брачна двојка од американската сојузна држава Охајо доби здраво машко бебе од 31 година стар ембрион, наводно поставувајќи нов светски рекорд, пишува порталот „Кликс“.

Линдзи и Тим Пирс го добија синот Тадеус Даниел Пирс во саботата. Таа изјави за „МИТ технолоџи ривју“ (MIT Technology Review) дека нејзиното семејство гледа на тоа како на нешто од „научнофантастичен филм“. Се верува дека ова е најдолгото време во кое ембрион бил замрзнат пред да резултира со успешно раѓање. Претходниот рекорд го држеа близнаци родени во 2022 година, од ембриони замрзнати во 1992 година.

Пирсови се обидувале да имаат дете седум години пред да одлучат да преземат ембрион создаден во 1994 година преку ин-витро оплодување. Ембрионот бил еден од четири создадени од Линда Арчерд и нејзиниот тогашен сопруг.

Арчерд првично создала четири ембриони. Од еден се родила нејзината сега 30-годишна ќерка, а другите три биле оставени во складиште. Меѓу нив беше и ембрионот кој подоцна стана син на Пирсови. И покрај разделбата од сопругот, таа не сакала да ги уништи ембрионите, туку ги дарувала за истражување и ги дала на друго семејство. Таа сега вели дека е важно да биде вклучена во животот на бебето, бидејќи така тој ќе биде поврзан со нејзината возрасна ќерка.

Процедурата во клиниката во Тенеси

Клиниката „Риџојс фертилити“ (Rejoice Fertility) од Тенеси, каде двојката ја извршила постапката, изјави дека целта била да ги префрлат сите ембриони што ги добиле, без оглед на нивната старост или состојба. Пирс рече дека таа и нејзиниот сопруг „не се стремеле да уриваат рекорди“, туку „едноставно сакале да имаат дете“. За нив, тоа што детето дошло од толку стар ембрион не ја менува нивната љубов.

Емоционална врска со новороденчето

Арчерд изјави дека веќе можела да види сличност со својата ќерка. Таа истакна дека кога ја виде фотографијата од новороденчето, веднаш се сети на нејзиното прво дете. За неа, тоа беше емотивен и значаен момент, кој ја поттикна желбата да остане во контакт со семејството Пирс.