Најголемиот дел од тековните нагорни притисоци се должат на фактори на страната на понудата, поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки.
Следната година се очекува нормализација на овие фактори и забавување на инфлацијата, при што би се свела на 2,4%, а потоа постепено на околу 2% на среден рок.
Истовремено, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моменталниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката.
Под влијанието на пролонгираното траење на пандемијата, на меѓународните пазари и понатаму постои голема променливост на цените на примарните производи, а со тоа и неизвесност околу движењето на увозните цени, како на краток, така и на подолг рок, се вели во извештајот на НБ.