Централните банки се еден од двигателите во процесот на дигитализацијата на плаќањата, а најдобар пример за тоа е што најголем број од нив ги истражуваат можностите за воведување дигитална валута, вклучувајќи ја и нашата централна банка. Ова беше истакнато на Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура, која во организација на Народна банка и Централната банка на Холандија, се одржува денес и утре во Охрид, пренесува МЕТА,мк
Конференцијата со свои обраќања ја отворија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорката на Секторот за плаќање и пазарна инфраструктура во Банката на Холандија, Инге ван Дијк.
Ангеловска-Бежоска посочи дека во анкета на „Централ банкинг“ за финтек, над 80 отсто од централните банки како приоритет во истражувањата ги имаат наведено токму иновациите во плаќањата, како и дигиталните валути, кои се соодветен одговор на централните банки на дигитализацијата на платежната индустрија.
„Дигиталните валути на централните банки сѐ повеќе добиваат на значење. Според најновите податоци, 114 земји, кои претставуваат над 95 проценти од глобалниот БДП, истражуваат за воведување дигитална валута, додека пред три години, само 35 земји размислуваа за тоа. Единаесет земји целосно воведоа дигитална валута, додека од земјите на Г20, 18 земји се во напредна фаза на развој“, посочи таа.
Директорката на Секторот за плаќање и пазарна инфраструктура во Банката на Холандија, Инге ван Дијк, во своето обраќање ја истакна важноста на соработката во плаќањата во услови на технолошки напредок и глобализација, нагласувајќи ја потребата од побрзи, поевтини прекугранични плаќања, како и транспарентност и инклузивност.
„Понатамошната интеграција на европскиот пазар на плаќања е неопходен чекор за изградба на посилна Европа“, кажа таа.
Зборувајќи за холaндското искуство со СЕПА, Ван Дијк истакна дека усогласувањето со европската рамка е огромниот придонес за поголема брзина и ефикасност на плаќањата и отворање на патот за поголема конкуренција и иновации, притоа носејќи нови решенија за плаќања за граѓаните и компаниите.
„Оваа конференција континуирано се покажува како важна платформа за размена на мислења, во духот на соработката и меѓусебната почит. Во овој контекст, би сакала да цитирам една стара африканска изрека: Ако сакаш да чекориш брзо, оди сам. Ако сакаш да стигнеш далеку, чекори заедно со другите“, порача Ван Дијк, осврнувајќи се на важноста на соработката во сите сфери.
На оваа конференција, претставници на Европската централна банка и централните банки на земјите од ЕУ и регионот, Црноморскиот Регион и Северна Африка, Банката за меѓународни порамнувања, Европскиот совет за плаќања, домашните финансиски регулатори, домашниот банкарски сектор, како и домашните и странските институции од доменот на финтек-секторот, ќе дебатираат на повеќе актуелни теми поврзани со јакнењето на финансиската рамка на патот кон СЕПА, за поврзувањето на платежната инфраструктура на Западен Балкан со инфраструктурата на ЕУ, дигиталните валути на централните банки ширум светот, отвореното банкарство и иднината на финансиските услуги кои ги овозможува финтек-секторот и други теми.