Имав кажано дека од далечина се гледа оти не е добар со здравјето. Но, тој не е мој пациент, треба да кажат лекарите, ако направи контрола и ако има проблем, истакна лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
Господине Таравари, сега седнувате на иста маса заедно со претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Каква е неговата здравствена состојба?
Ова провокативно прашање му беше поставено вчера на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, чија партија, според сите најави, станува нова членка на владејачката коалиција.
ТВ Алсат му го упати ова прашање на редовниот професор по неврологија на Медицинскиот факултет во Скопје, бидејќи тој на 28 октомври 2021 година во изјава за медиумите ја изрази својата загриженост дека првиот „интегративец“ не е добар со здравјето.
– Мислам дека Али Ахмети има вистински здравствени проблеми и му посакувам час поскоро да има успешна пензија, бидејќи за еден, или за два месеца ќе отиде таму каде што треба – рече тогаш Таравари.
Но, вчера, како што пренесува ТВ Алсат, Таравари го сменил мислењето за здравствената состојба на Ахмети.
– Во политиката, одвреме-навреме се критикуваме еден со друг, кажуваме понекој збор, што може да биде навредлив. Јас не гледам овде некаков навредлив збор за Ахмети. Имав кажано дека од далечина се гледа оти не е добар со здравјето. Но, тој не е мој пациент, треба да кажат лекарите, ако направи контрола и ако има проблем. Ако нема, тогаш немам што да кажам – изјави вчера Таравари.