СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ режира тензии и конфликти
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро го осуди инцидентот што се случи на седницата на Советот на општина Кочани. Во него беше повредена вработена во општинската администрација. Од СДСМ велат дека насилството е недозволиво и мора да биде санкционирано. Тие вината ја лоцираат кај советници од ВМРО-ДПМНЕ и Ромската партија.
„Ги осудуваме и провидните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, кои со провокации и намерно поттикнување тензии се обидуваат да создадат конфликти и нестабилност во Кочани“, соопшти СДСМ.
Според нив, учесници во инцидентот се советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од Ромската партија, што дополнително ја отсликува сериозноста на ситуацијата.
Доколку се уште не го видовте инцидентот, погледнете го во продолжение:
(ВИДЕО) Тепачка во советот на Општина Кочани: Советник поддржувач на СДСМ повреди правничка!
СДСМ: Советникот не е наш член, туку коалициски партнер
Партијата се оградува од постапките на советникот кој го предизвикал инцидентот, нагласувајќи дека тој не е член на СДСМ, туку коалициски партнер. Во реакцијата се тврди дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ со месеци наназад свесно провоцираат на седниците и создаваат непријатна и навредлива атмосфера.
„Факт е дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ постојано провоцираат. Сценариото на неколку седници наназад вклучуваше навреди на етничка, верска и лична основа, погрдни зборови упатени не само кон поединци, туку и кон целата ромска заедница. Советникот Васе Алексов од ВМРО-ДПМНЕ беше најгласен во навредите и тоа го знаат сите советници“, истакнаа од СДСМ.
И покрај провокациите, од СДСМ порачуваат дека насилството не смее да биде оправдано под никакви околности. Тие ги повикаа институциите да го расчистат случајот до крај.
„Очекуваме надлежните институции целосно да го расчистат случајот и да утврдат одговорност кај сите инволвирани. На Кочани му е потребна солидарност, стабилност и решенија, а не насилни сценарија инспирирани од политички калкулации на власта“, заклучуваат од СДСМ.
Извор: Макфакс