Паѓаат во вода ветувањата на премиерот Зоран Заев и Владата на СДСМ за подобрување на условите за младите во земјава.

Барем тоа го  покажува последната анкета, во која се вели дека огромен дел од младите во земјава се незадоволни и повеќе од половината кои биле анкетирани одговориле дека би се иселиле.

Две третини од младите (64,8%) во земјава се незадоволни од своето место во општеството, покажува студијата „Социо-политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“, изработена во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер. Студијата покажува дека 58% од младите би се иселиле, доколку им се укаже можност. Од нив, само 6,9% би се вратиле назад во земјата.

Во изминативе години, не ретко младите беа тема на интерес на владините претставници, со разно разни ветувања.

„Младите ќе ги задржиме и ќе ги вратиме, со поволни социјални и економски услови, за нив се договорите со соседите и исполнувањето на евроатлантските интеграции“, „Ќе им ја вратиме државата на младите“, беа само дел од изјавите на премиерот Заев во изминатите години. 

Во 2016 таа година, пак со чевли пред Владата, се протестираше за иселените од земјава.

Но, и покрај ваквите ветувања, младите се децидни дека властите не се грижат за нивните потреби

Речиси 8 од 10 млади (77,3%) луѓе сметаат дека властите делумно или воопшто не се грижат за нив и нивните потреби. Пандемијата не ги одмина младите, речиси на 15% им се намалила платата во текот на кризата, додека 6% ја изгубиле работата, покажува Анкетата. 

За да се подобри животот на младите во земјата, дел од клучните препораки се да се гарантираат средства во државниот буџет за млади и младински политики, општините да формираат локални младински совети и да отворат младински центри, а политичките партии да се заложат младите да бидат застапени во програмите и на кандидатските листи на претстојните локални избори. Да се поддржува младинското организирање и законски да се гарантира средношколското учество. Институциите да работат на информирање и едукација на младите за потребата од вакцинација за спречување на ширењето на КОВИД-19. Истражувањето беше спроведено преку телефонска анкета од страна на ТИМ институт во 2020-та година, а е изработено од Младински образовен форум и Фондацијата за демократија на Вестминстер.