Владата најавува построга регулација и ограничување на рекламирањето
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека новиот закон за игрите на среќа има за цел да воведе ред и дисциплина во оваа дејност, нагласувајќи дека државата не треба да наликува на Лас Вегас.
Тој посочи дека досегашната состојба создавала впечаток на преголема присутност на казина и објекти поврзани со коцкање.
„Имаме чувство дека државата полека но сигурно наликуваше на Лас Вегас. Буквално на секој чекор гледавме дуќани во кои што со силни светлечки реклами се рекламира овој тип на игри на среќа, мислам на казината и коцкањето. И некако како по правило до нив имате канцеларија за брзи кредити. Па веднаш до нив имате заложувалница и така натаму. Тоа е некако еден систем кој што мораме да го регулираме и цениме дека претставува систем кој што за жал е причина за многу семејни и човечки несреќи. Со овој закон се регулира оваа дејност и повеќе нема да има таков тип реклами кои привлекуваат внимание. Во некои места дури и цели маала имаше по неколку казина. Со овој закон, свесни за последиците и можеби за фискалниот ефект, но ние цениме дека мора да се стави ред и дисциплина и не може државата да наликува на Лас Вегас“, рече Мицкоски.“
Законот, според Владата, изработен транспарентно
Мицкоски додаде дека процесот на подготовка бил отворен и со вклучување на засегнатите страни.
„Не би се согласил со оваа констатација. Мислам дека беше транспарентен законот. Беа повикани да учествуваат во изработката сите засегнати страни. Нормално, не можеме да се усогласиме 100 процентно со тој бизнис, зошто ние го штитиме интересот на државата. Не мислам дека ќе има нелегални игри на среќа и не мислам дека ќе се изгубат работни места, едноставно, ќе има регулација“, додаде тој.
