Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во гостување на „Тема на денот“ на Сител изјави дека „креаторите на сите проблеми и коруптивни дејанија“ од минатото не можат да бидат дел од решенијата што денес се нудат.
Во интервјуто, Трипуновски рече дека поднел неколку постапки до Јавното обвинителство за незаконското работење на поранешниот министер Љупчо Николовски, но, како што вели, „нема никаква реакција“.
„Гледам дека последниве денови е многу гласен во јавноста и се обидува да манипулира. Сакам да кажам дека станува збор можеби за најкриминогениот министер во минатото. Ова го говорам затоа што по моето влегување во Министерството преземав низа активности за проверка на неговото работење“, изјави Трипуновски.
Тој посочи дека веќе поднел неколку пријави за, како што тврди, сериозни злоупотреби на буџетски средства, но тие повеќе од една година стојат без исход.
„Ги повикувам институциите, особено Јавното обвинителство, конечно да преземат активности“, додаде тој.
Трипуновски наведе дека пријавите не се единствени и дека Министерството продолжува со внатрешни проверки за зголемување на довербата во институциите и поддршка на земјоделците.
„Министерот кој сега се обидува да се прикаже како спасител, во минатото ја заобиколил Платежната агенција и формирал тричлена комисија надвор од процедурите, преку која поделил грантови од по 10.000 евра за т.н. мали семејни винарии. Станува збор за над 800.000 евра буџетски средства“, изјави министерот.
Тој додаде дека во процесот учествувал и претседател на партиска комисија за земјоделство, кој подоцна поднел оставка, а предметот е во завршна фаза и наскоро ќе биде доставен до Обвинителството.
„Имаме и предмет за злоупотреба при партиски вработувања и незаконски унапредувања без согласност на Министерството за финансии, што предизвикало финансиска штета на буџетот“, рече Трипуновски.
Министерот тврдеше и дека Николовски сè уште не ја раздолжил техничката опрема што ја користел во Министерството.
Како дополнителен пример за, според него, неработење, Трипуновски наведе случајот со кредитот од 80 милиони евра од KfW Банката за водостопански инвестиции.
„За пет години не се преземале никакви активности, а државата исплатила 2,2 милиони евра камати. Тој министер кој преспал и не работел, го оштетил буџетот“, изјави Трипуновски.
