Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за британскиот водител Пирс Морган ги истакна црвените линии на Киев во мировните преговори, нагласувајќи дека завршувањето на војната е приоритет, но не по цена на територијалниот интегритет, демократскиот легитимитет и долгорочните безбедносни гаранции. Тој предупреди дека непредвидливоста на Русија останува голема закана и дека се потребни гаранции што ќе траат повеќе од 20 години.
„Денес никој не може да ни даде цврст збор. Америка е силна земја и ни се потребни нивните безбедносни гаранции. Но дури и со тоа, никој не може да ни каже ниту да ни даде збор дека Путин нема повторно да се врати“, изјави Зеленски.
Зборувајќи за историските оправдувања за руската агресија, Зеленски ги отфрли таквите аргументи, оценувајќи дека тие го одвлекуваат вниманието од потребата за итен прекин на борбите.
„Не ми требаат сите овие историски глупости за да ја завршам оваа војна и да преминам на дипломатија. Бидејќи ова е само тактика на одолговлекување на времето. Прочитав не помалку книги по историја од Путин. И научив многу. Знам повеќе за неговата земја отколку што тој знае за Украина. Едноставно затоа што бев во Русија во многу градови. Фокусот мора да биде на прекинување на борбите сега“, нагласи претседателот.
На прашањето дали елиминирањето на лидерот на Русија би го сменило текот на настаните, Зеленски рече дека проблемите се системски и дека ќе продолжат без оглед кој е на власт. Тој додаде дека одлуките за избори му припаѓаат исклучиво на украинскиот народ и не можат да бидат диктирани од странство, нагласувајќи дека и општеството и парламентот се против одржување избори додека траат борбите, но дека би се консултирал со пратениците доколку привремено примирје создаде услови за гласање.
Зеленски призна дека Украина во моментов нема доволно воена поддршка за целосно протерување на руските сили од сите окупирани територии, но истакна дека Киев нема намера да се откаже од територијалниот интегритет и дека враќањето на регионите ќе се бара преку комбинација од воен притисок и дипломатија. Во врска со Донбас, тој го отфрли секој предлог за отстапување на регионот.
„Не можам да поддржам таква идеја. И мислам дека под какви било многу тешки околности, не сум сигурен дека нашиот народ ќе биде подготвен. Бидејќи, како што рековте, илјадници, десетици илјади Украинци загинаа во оваа насока, бранејќи го овој дел од Украина“, рече тој.
Осврнувајќи се на членството во НАТО, Зеленски изјави дека Украина ги исполнила критериумите и дека мора да биде директно вклучена во разговорите за сопствената иднина.
„Знам дека Американците, а можеби и некои Европејци, разговараат за нов документ со Русија – меѓу НАТО и Русија. Кога ќе имаат таков документ, ќе можат да разговараат за сè. Но, за мене е важно да разговараат за нашето потенцијално место во НАТО со нас. Не само со Русите – со нас. Бидејќи тоа нè засега“, рече Зеленски.
Говорејќи за неодамнешните разговори во Женева меѓу Украина, САД и Русија, тој рече дека воени претставници дискутирале за техничките аспекти на можен прекин на огнот и за улогата на меѓународните сили во неговото следење.
„Воените претставници во трилатералниот формат разговараа за тоа како да се развие мисија за следење на прекинот на огнот, кога ќе се воспостави, кога политичкиот пат ќе ги отвори овие можности. Тие разговараа за деталите, техничките нијанси и можностите на двете страни. И пред сè на Американците, бидејќи тие ќе имаат водечка улога во следењето. Во тек е тешка дискусија околу улогата на Европејците. За нас, нивната улога е од големо значење“, изјави Зеленски.
Тој оцени дека разговорите биле конструктивни, но дека страните имаат различни ставови за територијалните прашања и дека премостувањето на тие разлики ќе биде предизвик. Зеленски додаде дека се очекува следната рунда разговори да се одржи во Швајцарија.
