САД не се во војна со Венецуела, туку со организации за трговија со дрога
САД не се во војна со Венецуела, туку со организации за трговија со дрога, и не им е потребна венецуелската нафта, но нема да дозволат глобалните ривали и противници на Америка да ги преземат ресурсите на земјата. Ова го изјави американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за Ен Би Си, коментирајќи ја американската интервенција во Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро.
„Она што се случува не претставува војна. Ние водиме борба против организации што се занимаваат со трговија со дрога, но тоа не е конфликт со Венецуела. Спроведуваме американски санкции поврзани со нафтата. Санкциониравме одредени субјекти. Одиме пред суд, обезбедуваме налози и запленуваме нафтени танкери. Тој процес ќе продолжи“, истакна Рубио.
Тој посочи дека во моментов нема американски сили на терен во Венецуела. Како што наведе, американските војници биле присутни на венецуелска територија околу два часа.
Рубио не даде директен одговор на прашањето кој моментално ја води Венецуела. Сепак, нагласи дека САД сакаат „Венецуела да се движи во одредена насока“.
„Суштинско е што очекуваме промени во Венецуела. Станува збор за промени од различен вид, и краткорочни и долгорочни. Сакаме Венецуела да се движи во одредена насока затоа што сметаме дека тоа е добро за народот на Венецуела, но и во согласност со нашиот национален интерес“, нагласи Рубио.
Тие промени, според него, вклучуваат прекин на трговијата со дрога. Тој посочи и на потребата од прекин на присуството на Иран и Хезболах во земјата. Венецуелската нафтена индустрија, како што рече, повеќе не смее да се користи за збогатување на американските противници низ светот, туку во корист на Венецуела и САД.
На прашањето зошто САД не соработуваат со лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо во процесот на транзиција, Рубио одговори дека администрацијата се соочува со „непосредната реалност во Венецуела“.
„За жал, огромен дел од опозицијата веќе не е присутен во Венецуела. Имаме краткорочни проблеми што мора итно да се решат. Сите посакуваме позитивна иднина за Венецуела, но сега зборуваме за тоа што ќе се случува во следните две до три недели и во наредните два до три месеци“, рече Рубио.
Тој не сакаше да прецизира кога би можеле да се одржат избори во Венецуела.
„Сметам дека е прерано да се зборува за тоа во овој момент. Сè уште има многу работа. Да бидеме реални: во моментов сме фокусирани на сите проблеми што постоеја додека Мадуро беше на власт“, објасни државниот секретар.
Во врска со уставната одредба во САД дека само Конгресот може да објави војна и зошто не било побарано одобрение за интервенцијата, Рубио потврди дека Конгресот не бил однапред известен за операцијата. Како што рече, тоа не било потребно.
Апсењето на Николас Мадуро, според Рубио, не било акција за која е неопходно одобрение од Конгресот, бидејќи не станувало збор за воен судир.
Тој операцијата ја опиша како спроведување на законот и апсење на наводен член на нарко-картел, нагласувајќи дека не станува збор за долгорочна воена интервенција.
„Стануваше збор за исклучително чувствителна операција. Беше неопходно сите околности да се совпаднат во вистинскиот момент и на вистинското место, без ризик од протекување информации“, изјави Рубио.
Тој повторно негираше дека интервенцијата е поврзана со венецуелската нафта. Сепак, истакна дека САД нема да дозволат глобалните ривали да воспостават контрола врз ресурсите на Венецуела.
„Не ни е потребна венецуелската нафта. Во САД имаме доволно сопствени резерви. Она што нема да го дозволиме е венецуелската нафтена индустрија да биде под контрола на противниците на Соединетите Американски Држави. Зошто на Кина ѝ е потребна нивната нафта? Зошто на Русија? Зошто на Иран? Нема да дозволиме Западната хемисфера да стане база за операции на нашите противници, конкуренти и ривали. Нашата цел е приходите од нафтата да им служат на луѓето во Венецуела“, изјави Рубио.
