Измените на Изборниот законик со предлог за потписи и дефинирање на портали не добија поддршка во Собранието
На вонредна седница Собранието денеска гласаше за измените на Изборниот законик. Предлогот предвидуваше независните листи за советници и кандидати за градоначалници да собираат потписи во висина од 0,95 проценти од запишаните гласачи во Избирачкиот список за конкретната општина или за Град Скопје.
Во комисиската расправа за измените на ИЗ, партијата Левица предложи амандман со кој процентот од 0,95 се заменува со 0,5. Тој предлог беше прифатен од сите пратеници, освен од Европскиот фронт кој гласаше против.
Откако измените повторно се вратија на пленарна седница, за нивното усвојување гласаа 66 пратеници, додека 18 беа против. Но, при гласањето на немнозинските заедници, 11 пратеници гласаа за, а 18 беа против. Со таквиот исход измените на ИЗ не беа усвоени.
Покрај намалувањето на процентот за потписи, измените опфаќаа и дефинирање на интернет порталите во согласност со Законот за медиуми.
Првиот круг од локалните избори е закажан за 19 октомври, а вториот круг ќе се одржи на 2 ноември.