Предметот „Империја“ и конфискувањето имот на поранешниот директорот на Управата за безбедност и котраразузнавање, Сашо Мијалков беше тема на денешното обраќање на првиот човек на Агенцијата за конфискуван имот, Дритон Небиу. Тој вели дека вработените трпат закани, поради конфискуваниот имот кој е ставен на аукција.

По извршувањето на правосилната пресуда за случајот „Империја“, дел од имотот на Сашо Мијалков ќе премине во сопственост на државата. Небиу вели дека не може да каже конкретно кој ја упатил заканата. Тие го пријавиле настанот во полиција.

„При разгледување на становите кои се на аукција, се појавија сопственици на имотот кои на клиентите и на вработените кои го покажувале станот им посочиле дека не може да го купат ниту да го продадат станот“, изјави Небиу.

На јавна аукција се ставени три стана кои што се наоѓаат на ул. „Славејко Арсов“, еден од 78м2, два од 73м2 и една гаража од 30м2 на КО Центар 2, одземени со правосилна пресуда од Основен кривичен суд Скопје.

Апелациониот суд донесе пресуда и за случајот „Титаник 2“, откако обвинетите се жалеа на двегодишните затворски казни изреќени од Основниот кривичен суд.

Претходно, поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал за случајот „Империја“. Со спогодбата од 2022 година, Мијалков е осуден на 3 години затвор и ќе треба да исплати 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот. Одземен му е и имот во вредност од околу 30 милиони евра.