Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков го оцени вчерашниот протест на дел од членството како обид да се ослабат позициите на синдикатот.
Просветните работници кои вчера се собраа на протест пред седиштето на СОНК, според Неделков, се најверојатно изманипулирани или неинформирани.
– Вакви неидентификувани собирања каде не знаеме кој е организатор, ниту која е целта, не води кон ништо и веројатно тоа е добар обид за ослабување на позициите на СОНК, разбивање на единството на СОНК, кое на крајот на денот ќе биде желба за секој којшто му пречи СОНК да биде единствениот и најсилен синдикат во државата. Од тука треба да се почне – која е целта на ваквите жестоки реакции, рече Неделков на денешната прес-конференција.
Тој најави дека ваквите собирања нема да го поколебаат да работи според закон и да се залага за правата на работниците.
– Досега сме имале многу штрајкови и секогаш сме излегувале со резултати, меѓутоа вакво т.н. спонтано собирање на двапати не личи на просветни работници. Јас на секому ќе му се извинам ако го навредам, меѓутоа ваквото однесување не води кон ништо. Секој нека биде свесен дека мене нема да ме поколеба да работам согласно закон, да градам партнерски однос и да се залагам за правата на работниците, рече Неделков.
Од СОНК упатија апел до членството да не потпаѓа на дезинформации и уверуваат дека одлуката да се стави штрајкот во мирување е согласно закон.
За денеска во 14 часот, како што информира Неделков, веќе е закажана првата средба со медијаторот кој вчера беше назначен од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Советот на СОНК вчера донесе одлука да го стави штрајкот во мирување откако до него беше доставено известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот. Неделков најави дека доколку во периодот на мирно решавање на спорот, не се изнајдат соÐ �дветни решенија, штрајкот повторно ќе биде активиран.
По објавувањето на одлуката дека штрајкот се става во мирување, дел од членството на СОНК се собра пред седиштето на синдикатот, барајќи од претседателот на СОНК да објасни зошто штрајкот е ставен во мирување.
Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена. Медијатор во спорот, како што вчера објави министерката за труд и социјална политика, е Драгица Исаиловска-Митровска.
– Таа е непристрасна, го знае правото, Законот за работни односи и законите за образование и има компетенции да биде помирувач. Со нејзината улога верувам дека ќе стигнеме до решение. Ќе има преставници на МОН, на СОНК и заедно со медијаторот ќе учевствуваат во преговорите, изјави вчера министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.