„За жал, во овој момент судот има многу помал број на судии од она што му е потребно во однос на бројот на предмети. Имаме и многу помал број на стручната судска служба, кој треба да ни овозможи поефикасно работење. Ако овој суд согласно одлуката на Судскиот совет за бројот на судии треба да има 35 судии, во моментот работиме со 21 судија. Не зборуваме за судии кои се отсутни поради болест или нешто слично, туку исклучиво за онаа бројка со која судот располага и навистина се соочуваме со сериозни тешкотии и во тој дел. Оптималната бројка за непречена работа е најмалку 25 судии“, велат од Основен суд Куманово, кој организираше отворен дена за граѓаните по повод 25 Октомври, Европски ден на граѓанските права.
Најмногу судии недостасуваат на кривичниот оддел, поради што сите работат сè, што не е допустливо за судови од проширена надлежност каде се бара специјализација на судиите по областите кои ги работат, пренесува СДК.
„Еден судија истовремено е и судија за деца и за полнолетни и за прекршочни предмети, друг судија е по кривично полнолетни и постапува по прекршочни предмети, трет судија во прекршочни предмети и предходна постапка, четврт судија за санкции и во прекршочна постапка дежура, постапува и во предходна постапка, така да ова мешење на материи нам ни прави дополнителни проблеми. Кога треба да се формираат советите, било за оценка на обвинение, било за судење, имаме ситуации каде што поради предходни преземени дејствија во тие предмети судиите не можат да прават оценка на обвинението или потоа не можат да учествуваат како судечки судии во тие предмети“, кажуваат од Судот.
Бројот на судии постојано се намалува поради тоа што одат во пензија, а не се назначуваат нови. Дел заминале и на работа во други судови. Проблемот со недостаок на стручен судски кадар особено ќе се актуелизира наредните години.
„Во овој момент има делегирано еден судија од Кривичен суд Скопје, меѓутоа тој ќе си замине следната година. Уште еден судија од Кривичен ќе ни замине во пензија, а една од судијките од први останува на породилно отсуство. Така што, од ова што сега го имаме ќе останеме без тројца судии и ќе бидеме во уште голем проблем. Нема можност за избор на нови судии бидејќи нема ниту еден кандидат за судија кој има завршено академија а кој веќе не е избран, од сегашните кандидати кои се на академија само еден е од Куманово и тој е определен за јавен обвинител. Наредните неколку години ќе имаме проблем со назначување на судии“, велат од Судот, од каде потенцираат дека постојано поденсуваат барања до Судскиот совет за кадровско засилување.
Дополнителен проблем со кој се соочуваат судовите од предминатите избори е тоа што вработените во судската админстрација се вклучуваат во изборниот процес. Па така, оваа година биле ангажирани дури 40 административци во обуките и следењето на локалните изборите, што им претставува голем проблем во функционирањето.
И покрај сите проблемите со кои се соочуваат, Основниот суд Куманово минатата година ја заврши како ажурен суд.