Недостиг на лекари, медицински персонал, хигиеничари, но и друг стручен кадар е еден од најгорливите проблеми, кој веќе една деценија се провлекува низ македонскиот здравствен систем. Во Клиничката болница-Штип за само еден до два месеци си заминале 30 вработени. Во моментов, болницата работи со сто вработени помалку од предвидената бројка или тоа се сто испразнети работни места, открива во интервју за МИА директорот на Клиничката болница во Штип, Ален Ѓеорѓијев.
Најкритично е на Одделението за анестезиологија кое за еден месец ќе функционира само со тројца анестезиолози. Лекари специјалисти недостигаат и на Ортопедија, Интерно, Очно, Инфективно, а медицински сестри, болничари и хигиеничари недостигаат на сите одделенија.
Во видео интервјуто снимено во прес-центарот на МИА во Штип, Ѓеорѓијев забележува дека болниците на свој грб ги почуствуваа пандемијата, економската и енергетската криза, кои придонесоа долгот за две до три години да се зголеми за дополнителни 40 милиони денари.
Директорот на Клиничката болница во Штип во интервјуто за МИА говори и за инвестициите, реконструкција на дел од одделот за Физикална терапија, како и за проблемите кои им ги предизвикал хакерскиот напад на Фондот за здравство.
Во продолжение следува целото интервју со видео материјал, кое беше снимено на 17 февруари:
За само две и пол години си заминале 70 вработени или Клиничката болница во Штип работи со 20 проценти помал број на вработени. Господине Ѓеорѓијев, со какви проблеми се соочувате токму поради недостиг на лекари во изминатите години?
-Информацијата веќе ја кажавте дека Клиничката болница има 70 вработени помалку овие две и пол години. Тоа е податок, којшто беше некаде до пред крајот на минатата година. Сега имавме една друга ситуација – поголем број здравствени работници и соработници заминаа во приватна болница, така што со оние кои во меѓувреме се пензионираа во овие два-три месеца дојдовме до бројка од 100 луѓе помалку во Клиничката болница Штип.
Бидејќи се работи за вработени кои се од сите профили – доктори, медицински сестри, болничари, хигиеничари итн., јасно е дека тоа мора да има одредени реперкусии врз работата на Клиничката болница Штип, така што во сите сегменти имаме одредени потешкотии во организација на работата. Се трудиме сето она што е наша задача, сите здравствени услуги што ги имаме како Клиничка болница Штип и како регионален центар на здравството во Југоисточна Македонија да го одржиме нивото, но со таков одлив на кадар којшто во моментов го имаме се потешко успеваме да го одржиме тоа ниво на здравствени услуги што ги имаме.
Рековте 100 веднаш по Нова година, каде најмногу недостигаат лекари, на кои одделенија?
-Имаме неколку оддели каде што исклучително многу ни требаат лекари. Можам да ги набројам одделите, каде што имаме сериозен проблем. Тука пред се мислам на Одделот за анестезија. Таму веќе за помалку од месец дена уште еден лекар ќе оди во пензија, така што ќе останеме со тројца анестезиолози. Имајќи предвид дека Одделот за анестезија е буквално сервис на сите други оддели, бидејќи сите имаме потреба од него, сите хируршки гранки, сметам дека во тој дел е сериозно намален бројот на лекари. Имаме проблем на Одделот за ортопедија, таму исто така имаме мал број извршители, секојдневно се создаваат метежи. Имаме исклучително многу прегледи во амбуланта, исклучително голем оперативен програм на Одделот за ортопедија. Имаме проблем на Одделот за интерни болести, таму ни фалат лекари. Имаме проблем на Одделот за очни болести, на Одделот за инфективни болести, така што има повеќе оддели каде што фалат лекари, некаде повеќе, некаде помалку, овие се оддели каде што најмногу ни фалат лекари. А, што се однесува до средномедицинскиот кадар, како и на останатиот помошно-технички персонал, како што се хигиеничари и болничари, мислам дека буквално нема оддел каде што нема недостиг.
Рековте дека недостигаат лекари и медицинскиот персонал и со кои проблеми се соочувате. Дали е потребно да се направи стратегија и мапирање на болниците и на здравствените установи во земјава за да се утврди каде е потребно под итно да се пополнат одредени работни места?
-Мапирањето постои. Клиничката болница Штип е регионален центар на највисоко ниво на здравствена заштита во Источна Македонија и сите пациенти во овој регион, од прилика зборуваме за бројка од 220 илјади граѓани, нормално дека припаѓаат под Клиничка болница Штип. Што се однесува до Стратегијата, таа е многу јасна. Значи, сите имаме систематизација во која се наведени работните места што треба да ги имаме за да функционира нормално Клиничката болница Штип. Имаме во сите делови слободни работни места коишто треба да бидат пополнети. За жал, можам да кажам, речиси три години како Клиничка болница- Штип немаме примено кадар, ниту здравствен, ниту помошен-технички персонал и сето тоа се одразува на работата на болницата. Која е причината зошто овие три години наназад немаме примено кадар? Не би можел да кажам. Ние секоја година упорно согласно законските одредби уредно ги упатуваме барањата за вработување со сите табели што се потребни, со сите барања што треба да дојдат, но се враќаат назад со негативно мислење од Министерството за финансии.
Доставивте барање до Министерството за здравство за вработување на 55 лица во болницата, меѓу кои рековте и 15 лекари. Дали добивте конечно позитивен одговор?
-Не. Значи, малку би требало да го објасниме текот на оние барања за вработување за да им биде појасно на граѓаните. Како Клиничка болница- Штип откако ќе го добиеме буџетот што го имаме за тековната година и откако ќе ни биде одобрен Годишниот план за вработување од страна на Министерството за информатичко општество и администрација упатуваме барање за вработување. Нашето барање за вработување оди во Министерството за здравство кај што треба да биде потпишано од страна на министерот за здравство. Потоа тоа се препраќа во Фондот за здравство, каде што треба да биде потпишано од двајцата директори на Фондот за здравство и на крај доаѓа до Министерството за финансии. Значи, министерот за финансии е последна инстанца, која треба да потпише и ние врз база на мислењето на Министерството за финансии можеме да распишеме или да не распишеме конкурс за вработување. Што се однесува до ова последното, пред месец дена отприлика најавив дека ние го упативме барањето, но со оглед на настаните што се случуваат на политичката сцена и неминовното заминување на министерот за здравство и негова смена, по моите информации што до овој момент ги имам, сметам дека нашето барање не е потпишано се уште од актуелниот министер за здравство, така што веројатно ќе треба да ја повториме постапката, бидејќи кога ќе добиеме нов министер за здравство ќе треба со неговиот потпис да оди нашето барање, понатаму. Така што, ние сме спремни веднаш по назначувањето на новиот министер за здравство да ја повториме постапката и повторно ќе ги побараме оние 55 вработувања за коишто говоревме во изминатиот период, а коишто се однесуваат на сите профили, коишто и недостигаат на Клиничка болница- Штип.
Дали во Штип има доволен број на млади лекари кои можат да се јават на огласот, знаеме дека младите лекари заминуваат во странство или, пак, се вработуваат во приватното здравство?
-Сметам дека ќе имаме доволна бројка на пријавени кандидати за сите позиции што ги бараме. Штип е универзитетски град, овде постои Факултет за медицински науки. Секоја година излегува нова класа на дипломирани лекари, така што и интересот за работа во Клиничката болница е поголем во однос на останатите помали градови во околината или во останатите здравствени центри. Така што, сметам дека бројката од 15 доктори што ја бараме, ќе имаме најмалку толку кандидати, ако не и повеќе, кои ќе се јават за работа, бидејќи сметам дека се уште постои желба за работа во Клиничката болница Штип и мислам дека на сите позиции што ќе ги бараме, ќе се јават доволен број квалитетни кандидати.
Имате веќе млади лекари вработени во болницата, чекаат специјализации, кога ќе се распише тој конкурс? Дали има расположение од страна на Министерството за здравство конечно да ги оддели тие средства за специјализации?
-Ситуацијата не е таква. Ние во моментов во болницата немаме ниту еден млад доктор кој нема добиено специјализација. Последниот прием на доктори беше 2019 година и сите кои се примени досега им се доделени соодветни специјализации и веќе се упатени. Значи, тие се веќе на специјализација. Бидејќи во изминатиот период немаме примено нови лекари, не сме ни барале специјализации да ни одобри Министерството за здравство. Во моментот кога ќе дојдеме во ситуација, се надевам дека тоа ќе се случи многу брзо, спрема бројката на доктори што ја имаме и спрема ургентните оддели каде имаме потреба од специјалисти, ќе бидат побарани соодветните специјализации. Досега секогаш ни било излегувано во пресрет од страна на Министерството за здравство и ни биле доделени специјализации, така што во моментот немаме млад лекар кој не е упатен на специјализација.
Господине Ѓеорѓијев, годинава имате буџет од околу 600-тини милиони денари. Тоа се средства од Фондот за здравство, меѓутоа и ваши сопствени средства. Со овие пари дали може да се инвестира во болницата или пак, овие средства се само за да се затворат одредени дупки? Дали има можност да се врати долгот?
-Во делот на буџетот од прилика 560 милиони е делот што учествува Фондот за здравство, значи тоа е т.н. договорен надоместок од страна на Фондот за здравствено осигурување, а останатиот дел од прилика околу 60 милиони денари се средства што ние ги собираме. Тоа се наши сопствени средства, така што во креирањето на буџетот влегуваат овие две ставки. Со овие средства што ги имаме го направивме планот за јавни набавки за оваа година. Секако дека ставивме и работи што ќе ги набавиме и апаратура што ќе биде нова. Тоа е опрема што ја бараат одделите како замена за дотраената апаратура, таа апаратура ќе биде нова и ќе служи за воведување нови методи. Би набројал неколку апарати што е во план да ги набавиме оваа година. Ќе набавиме ендоскоп со можност за правење гастроскопија и колоноскопија за Одделот за интерни болести, бидејќи веќе имаме нов супспецијалист гастроентерохепатолог, за неколку месеци ќе добиеме уште еден со цел бидејќи веќе имаме еден таков апарат, да имаме два и да ја зголемиме бројката на прегледи. Ќе добиеме и нов апарат којшто досега сме го немале, се работи за апарат за оптичка кохерентна томографија. Тоа се работи за дијагностика и снимање на процеси на болести, на повреди на задниот сегмент на окото со што ќе можеме да помогнеме на луѓето кои имаат дијабет и онаа т.н. дијабетична ентеропатија и за дијагностика на нивните болести и за можност за примање на терапија, нешто за кое што досега пациентите ги упатувавме во Скопје. Ќе добиеме веројатно и нов помал апарат за анестезија, апарат за операција на крајници, за потребите за Одделот за оториноларингологија. Ќе добиеме нов апарат за миење и сушење на хируршки инструменти, апарат за РФ третман на пациенти со кожни болести. Значи тоа се се апарати што се во план да ги набавиме оваа година.
Целото интервју може да го прочитате ТУКА.