Изборите ќе се повторат во рок од 60 дена

Во четири општини во земјава  Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, денеска нема да се одржи гласање поради недоволниот одзив на гласачи во првиот круг од локалните избори.

Како што информира Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини не е исполнет законскиот праг од најмалку една третина (33,33 проценти) излезност од запишаните гласачи што е потребно за изборите да се сметаат за успешни.
Во Гостивар гласале 33,31 процент, во Врапчиште 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше 30,31 процент, а во Центар Жупа 21,49 проценти.

Согласно член 132 став (2) од Изборниот законик, во овие случаи следува повторување на целата изборна постапка.
Новите избори треба да се одржат во рок од 60 дена од денот на објавување на конечните резултати од Локалните избори 2025, без повторно условување со цензусот од една третина, како што е предвидено со член 132-а од истиот закон.

Втор круг во 32 општини и во Градот Скопје

Додека овие четири општини го чекаат повторното гласање, денеска се одржува вториот круг од локалните избори во 32 општини и во Градот Скопје, каде граѓаните избираат градоначалници.

Во првиот изборен круг, изборот беше завршен во 44 општини, додека останатите влегуваат во завршната изборна фаза.