Укор од судијката поради недозволени уреди во ќелија

Денешното рочиште за пожарот во нелегалната дискотека „Пулс“ во Кочани, трагедија со 63 загинати и над 200 повредени, започна со остар укор од судијката Диана Груевска-Илиевска кон обвинетиот Џеваир Камбери. Таа го предупреди по објавата дека во неговата ќелија во затворот во Шутка биле пронајдени 13 мобилни телефони и лаптоп, истакнувајќи дека за вакво прекршување следува самица, но дека денес ќе добие само опомена.

Реакции на обвинителството и одбрана на обвинетиот Камбери

Обвинителите реагираа дека појавата на мобилни телефони во затворите е чест проблем и дека не треба да се изрекуваат само укори. Сè уште не е познато како недозволената опрема се нашла во ќелијата на Камбери, кој е единствениот од 35-те обвинети обвинет за примање мито. Тој пред судот изјави дека, кога бил донесен во ќелијата, апаратите веќе биле таму. Камбери е обвинет како службено лице во Министерството за економија и, според обвинението, бил дел од синџирот што овозможил „Пулс“ да работи со фалсификувани лиценци. Се товари дека примал поткуп и изготвувал лажни исправи, за што, по наводите на Обвинителството, зел 226.000 денари за издавање фалсификувана дозвола.

Обвинетите се изјаснија за невини

Сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, пред судот изјави дека не се чувствува виновен за пожарот и за жртвите. Истото го повторија и останатите обвинети, кои едногласно се изјаснија како невини. Судскиот процес продолжува со изјаснување за вина на сите обвинети.