Кај цените на становите кои лани на квартално ниво достигнаа зголемување од 21 процент, годинава, според дел од бизнис заедницата, може да се очекува стабилизација, но со најмалку 20 проценти повисока цена од пред кризата, а дел смета оти ќе продолжи покачувањето на трошоците во целиот процес на градба, што ќе значи поскапување на градежните продукти. Како резултат на затегнувањето на монетарната политика, банките потврдуваат дека кредитирањето ќе биде по повисоки каматни стапки, но очекуваат да продолжи побарувачката за станбените кредити.

Од Стопанската комора на Северна Македонија за МИА велат дека кај недвижностите во новата година може да очекуваме стабилизација. Меѓутоа, како што потенцираат, во секој случај стабилизирањето на цените на недвижностите, подразбира стабилизирање на сегашното повисоко ниво, при што цената ќе ги опфати трошоците за изведба, профитот на компаниите и финансиската моќ, односно подготвеност на купувачите.

-Анализите што ги подготвуваме и анализите во земјите од Западен Балкан покажуваат дека секаде цените на становите пораснаа, а особено тоа е изразено во главните градови и понаселените места. Стабилизацијата може да се очекува на едно повисоко ниво кое според нашите проценки би значело цена по метар квадратен која е за најмалку 20 проценти (секако зависно и од местото на недвижноста) повисока од цената пред кризата, велат за МИА од Стопанската комора.

Клучно за цените по кои ќе се нудат недвижностите во наредниот период, како што прецизираат, ќе бидат околностите на глобално и на национално ниво, зависно од тоа колку ќе трае воениот конфликт кој се одразува на пазарот на градежни материјали, како и решавањето на сите проблеми и прашања за кои градежниот сектор укажува од почетокот на кризата.

Оценката на Градежната комора при Стопанската комора на северозападна Македонија, пак, е дека трошоците на градба ќе поскапуваат и во наредниот период, а со тоа и становите.

-Порастот на цените во голем дел од градежните продукти не застанува, квалификуваната работна сила континуирано се намалува, банките се порезервирани во поддршката на проекти, а и ги зголемуваат каматите. Ова значи дека уште ќе се покачуваат трошоците во целиот процес на градба, а тоа значи ќе има и поскапување на градежните продукти односно становите, велат за МИА од Комората.

Оттаму апелираат во наредниот период да се отвораат што повеќе нови инвестиции со подобри услови за кредитирање и што помалку административни пречки за инвестициите.

Од Македонската банкарска асоцијација (МБА) со очекување за нагорен тренд кај каматните стапки на станбените кредити, како и солидна побарувачка за нив.

Затегнувањето на монетарната политика, како што велат за МИА од МБА, е јасен сигнал за зголемување на каматните стапки како на кредитните, така и на депозитните производи на банките. Во тој контекст, може да се очекува нагорен тренад и кај каматните стапки на станбените кредити, проследено со намалување на периодите на фиксирање на каматната стапка. Сепак, не би се впуштиле во прогнози за динамиката на тие движења со оглед на комплексноста на факторите кои стојат позади нив. Во секој случај, и во наредната година се очекува солидна побарувачка за станбени кредити од страна на граѓаните, велат од МБА.

Потенцираат дека банките со својата капитална сила и вкупен финансиски потенцијал се подготвени да продолжат со силна финансиска поддршка на економијата и населението и во тие рамки да продолжат и со станбеното кредитирање.

Во евиденцијата на Народната банка во ноември се регистрирани станбени кредити во вредност од 75,021 милион денари, што е раст од 12,9 проценти на годишно ниво, односно од 1,1 отсто на месечно ниво.

Според податоците на Народната банка, цените на недвижностите во третиот квартал годинава во државава се зголемиле за 21,2 отсто, во однос на истиот квартал од минатата година. Во периодот јули-септември годинава, споредено со претходните три месеци, пак, растот на цените на недвижностите изнесуваше 4,7 отсто. Во вториот квартал годинава цените на становите забележаа зголемување од 16,5 отсто на годишно, односно од 6,8 проценти на квартало ниво, додека во првиот квартал исто така имаше раст на годишно ниво од 12,4 отсто, односно од 2,9 на квартално ниво.

Во базата на Регистарот на цени и закупнини во третиот квартал годинава се регистрирани 7.922 трансакции, од кои 6.098 продажби на недвижности и 1.824 закупи на недвижен имот.

Вредноста на регистрираните 6098 купопродажби во третиот квартал изнесува 1.129 милиони евра. Се бележи раст и на купопродажбите и на нивната вредност во однос на вториот кваратал, кога биле регистрирани 5.713 (234 милиони евра). Но споредено со третиот квартал лани купопродажбите се намалени за 1.179 кога биле евидентирани 7.277, а намалување во тој споредбен период има и кај закупите, за 130. Закупите на квартално ниво годинава бележат пад за околу 1000, од 1935 во вториот на 1824 во третиот квартал. Во тој период најмногу се закупувале државни парцели, 693, по што следат на становите, 595, на куќи 288, на земјоделско земјиште, 141….

Падот кај закупите е евидентен и според податоците за првата половина од годинава во однос на истиот период лани и изнесува четири проценти.

Во периодот јануари- јуни годинава во базата на Регистарот на цени и закупнини биле внесени 15.660 трансакции, од кои 11. 632 продажби на недвижности и 4.028 закупи на недвижен имот. Во првата половина од годинава се запишани 3.878 товари врз недвижности со вкупна вредност од 776.505.001 евра и 4.668.919.709 денари. Во главниот град се впишани 1.504 хипотеки од 184.281.346 евра и 2.286.254.446 денари.