Претставничката на групата Драгана Спасевска изјави за МИА дека викендов не добиле покана за нова средба и дека ќе почекаат до утре попладне, до завршување на работното време на МОН, а дотогаш нема да ја бојкотираат наставата. Доколку не се оствари најавената повторна средба, рече дека ќе ја известат јавноста за следните чекори.
-Утре ќе бидам во Скопје и ќе чекам до крајот на работното време. Ако не биде, ќе ве известиме за понатаму, рече Спасовска.
По средбата пред три дена таа за медиумите изјави дека претставниците од МОН не биле компетентни за сите нивни барања и дека треба да бидат вклучени претставници од Бирото за развој на образованието и од СОНК. На средбата, на која не присуствуваше министерката Мила Царовска, им било кажано дека по консултации со БРО, одново ќе ги поканат од понеделник на средба. Тогаш таа најави дека ќе протестираат доколку нема средба за нивните барања до почетокот на идната недела.
Фејсбук-групата има над 70 000 приврзаници кои, според Спасовска, се „гласот на родителите“. Од пред десетина дена повикуваат на бојкот на наставата – бараат хартиените учебници да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование и задолжително нивни претставници и од граѓанскиот сектор да учествуваат во работна група за измени во Законот. Покрај ова, имаат и уште неколку други барања.
Министерството за образование и наука по средбата со претставниците од групата во четвртокот соопшти дека како за сите останати реформски процеси, така и за Законот за учебници, консултира и го слуша мислењето на сите засегнати страни.
-Сепак, во носењето на законското решение предност се дава на квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, така што тоа не смее да биде причина за бојкот. Промените во основното образование ќе се случат, затоа што тоа не е самоиницијативна одлука на Министерството за образование и наука, туку е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации. А исто така, промените се и барање на наставниците и на многу генерации на ученици, но и потреба која ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи. информираше МОН.