Пожар ја уништи фабриката „Винчини“ во Виница – 400 работници со неизвесна иднина
Најмалку 400 работници од фабриката „Винчини“ во Виница со неизвесна иднина откако синоќа до темел изгоре производствениот погон, магацините и административниот дел. Компанијата, која вкупно вработува околу 500 лица, ќе обезбеди привремен ангажман за стотина во дисперзираните погони, додека останатите се соочуваат со целосна неизвесност.
Милонска штета и уништена технологија
Штетата за сопствениците е проценета како милионска, а точната бројка ќе се знае по увидот на проценителите од осигурителните компании. „Винчини“ располагаше со современа роботска технологија која овозможуваше извоз на кондиторски производи во 54 земји во светот. Само минатата година извозот достигнал вредност од 35,8 милиони евра.
Реакции од Стопанската комора
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, синоќа бил информиран за пожарот од сопственикот на „Макпрогрес Виница“, Глигор Цветанов. Од Комората соопштија дека веднаш ја алармирале Владата и надлежните институции, истакнувајќи дека три клучни погони се целосно уништени. „Оваа трагедија ќе остави длабока трага врз една од најуспешните извозни компании во Македонија, препознаена по брендот ‘Винчини’“, соопштија од Стопанската комора.