Политички активисти на Левица стојат зад студентскиот протест – откриена координирана манипулација
Додека семејствата тагуваат и јавноста сè уште е во шок од трагедијата во Кочани, некои гледаат на ситуацијата како можност за политичко и партиско влијание.
Зад најавениот протест за понеделник не стои искрен студентски револт, туку внимателно прикриена политичка агенда и обид за искористување на трагедијата во Кочани за партиски цели. Наместо автентичен студентски израз, станува збор за координирана политичка операција, а како организатор се појавува Кирил Митановски, активен член на партијата Левица.
Според достапните информации, Кирил Митановски, поранешен советник на Левица во Советот на Општина Аеродром и моментален член на партиската организација „Црвена младина“, стои зад организацијата на протестот. Вака маскирана злоупотреба на трагедијата во Кочани е јасен показател за политичка агресија преку инструментализација на емоциите на јавноста.
Преку групата „Независно студентско собрание“, Митановски и лица како Доротеа Грковиќ спроведуваат активна онлајн кампања. Наместо транспарентност, тие ја кријат својата политичка припадност и се обидуваат да ги претстават активностите како спонтан револт на студентите. Во комуникациите и координацијата, целта е Митановски и другите политички активисти да не се појавуваат како администратори или иницијатори.
Мрежа од профили – фарма на тролови со јасна агенда
Во позадина, организаторите користат широка мрежа на активисти за споделување и умножување на пораки на социјалните мрежи. Како типична „фарма на тролови“, тие ги ширеле повиците низ групи и форуми, со јасна цел – да се предизвика масовна реакција базирана на експлоатација на националната болка. Тука не станува збор за студентска свест, туку за партиска стратегија.
Зоран Заев како политички предвесник: истиот шаблон, различна трагедија
Ова сценарио наликува на тактиката што ја користеше поранешниот премиер Зоран Заев, кој во случајот „Монструм“, трагедијата на Смилковско Езеро, најавуваше „експлозивни докази“, „разоткривање на вистината“ и „правда за родителите“. Ништо од тоа не се случи – освен што гневот на јавноста беше пренасочен кон политичка мобилизација и доаѓање на власт. Овој акт беше брутална и нечовечна злоупотреба на болката на семејствата на убиените на Смилковско.
Левица го расчистува патот за СДСМ – тактиката на „Шарената револуција“ се враќа
Истите механизми што некогаш беа користени во т.н. „Шарена револуција“, денес се реактивираат. Активисти на Левица повторно играат улога на независна опозиција, овозможувајќи услови за реабилитација на истрошените политички елити од СДСМ.
Тие истите кои денес се обидуваат да претстават протест како спонтано студентско движење, беа дел и од протестите на Шарената револуција. Тогаш поддржуваа и помагаа иницијативи кои доведоа до соборување на режимот на Никола Груевски, но и до отворање на процеси што резултираа со промена на името, серија национални отстапки и огромна корупција што траеше 7 години.
Јавноста мора да препознае: ова не е револт – ова е политичка експлоатација
Злоупотребата на трагедијата во Кочани не смее да биде дозволена. Болката на семејствата, загубата на младите животи, националниот шок – не смеат да се користат за политички поени. Граѓаните имаат право на автентичен гнев, но не сме да бидат дел од сценарија напишани во штабовите на Левица и СДСМ.