Разлика меѓу болничка и социјална услуга за старите лица
Разликата меѓу геријатриската болница и домовите за стари лица треба јасно да се разбере, бидејќи станува збор за различни видови услуги, истакна директорката на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина, Ленче Нелоска, во телевизиско гостување.
Таа нагласи дека геријатриската установа функционира како болница, каде што се обезбедува здравствена услуга, додека домовите за стари лица нудат социјална грижа.
„Во болница имате здравствена услуга, а во домовите за стари има социјална услуга. За тоа да биде поедноставно јас го споредувам со децата. Здраво дете оди во градинка, болно дете оди на педијатрија. Така е и кај старите лица, условно здравите, оние коишто се функционални треба да одат во дом, а тие што се болни треба да одат во Геријатрија“, истакна Нелоска.
Таа додаде дека установата се обидува да им излезе во пресрет на граѓаните и да одговори на нивните потреби.
