ДЗС: Нема активни пожари – изгаснати се и кај планината Готен и во атарот на село Стровија

Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека во моментов нема активни пожари на територијата на државата. Последните два пожара, еден на планината Готен и друг во атарот на село Стровија кај Долнени се целосно изгаснати.

Пожарот кај Стровија, на локацијата Гајдарец – Клепало, зафатил поголема површина со сува и висока трева по гребенот на планината. Рано утрово интервенирале екипи на ЈП „Национални шуми“, заедно со доброволци ловци. Огнот бил локализиран и изгаснат за неколку часа.

Огнот кај планината Готен ставен под контрола од двете страни

И пожарот на планината Готен, кој се ширел од радовишката и беровската страна, е целосно изгаснат. Од Дирекцијата за заштита и спасување потврдуваат дека во моментов не се регистрирани нови жаришта, ниту од отворен тип, ниту во шумски предели.

Институциите апелираат до граѓаните да бидат внимателни, да не палат оган во природа и навремено да пријават секој чад или пламен до надлежните служби.