Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија нема да им издава пасоши на етничките Албанци во Македонија откако земјата ќе стане членка на Европската Унија. Според него, Тирана нема да го следи примерот на Бугарија, која по пристапувањето во ЕУ издавала пасоши на лица од соседни држави.
„Ние не сме земја што може да прави што сака, како сака, кога станува збор за прашања што се однесуваат на внатрешната хармонија на европското семејство. Бугарите го направија тоа откако станаа дел од Европската Унија, бидејќи нивниот пасош стана многу моќен“, изјави Рама.
Неговата изјава доаѓа во период кога Албанија напредува во процесот на европска интеграција, додека Македонија останува блокирана на патот кон ЕУ поради спорот со Бугарија и барањето за внесување на Бугарите во Уставот.
