Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски категорично изјави дека нема амнестија за ниту еден поединец во тековната истрага за пожарот во објектот „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 61 лице, а над 200 беа повредени.
Според министерот, постапките се спроведуваат против сите за кои има основани сомнежи и докази, без разлика на функцијата, институцијата или статусот. Во истрагата досега се опфатени над 50 осомничени лица, вклучително и полициски службеници.
Нема амнестија дури ни за полициски службеници
„Против секој за кого има докази, Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава. Секој кој ќе биде утврден како причинско-последично поврзан со предметниот кривично-правен настан, од аспект на исполнување на елементи на конкретно кривично дело, ќе биде соодветно процесуиран,“ изјави Тошковски.
Министерот потврди дека досега се поднесени пријави против седум полициски службеници. Тошковски повтори дека нема амнестија, ниту за лица од МВР, ниту за поранешни или актуелни функционери.
„Нема амнестија за никого. Министерството за внатрешни работи не е исклучок. Во рамки на истрагата што го опфаќа периодот од 2012 до денес, поднесени се кривични пријави против седум полициски службеници,“ нагласи тој.
Истражните органи продолжуваат со проширување на предметот
Тошковски нагласи дека јавниот обвинител ја води постапката и дека можно е во наредниот период да бидат опфатени и други вработени во институциите.
„Истрагата не е завршена. Можно е и други полициски службеници да станат предмет на почнување на истрага во следниот период,“ изјави министерот.
На прашањето за евентуална селективност, тој одговори:
- „Јавниот обвинител води темелна истрага. Вчера добивме информации што можеа да се споделат со јавноста. Не можеме да дозволиме Обвинителството и МВР да бидат претворени во преки судови, само затоа што некои политички недобронамерници се обидуваат да го искористат гневот на граѓаните за лична корист. Сведочиме на посветеност – 11 обвинители, заедно со истражни тимови од МВР, се посветени на целосно расчистување. Такво нешто претходно беше незамисливо,“ рече Тошковски.
Проширена истрага – нови 19 осомничени, меѓу нив и високи функционери
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски информираше дека истрагата е проширена со нови 19 лица. Лицата се осомничени за тешки дела против општата сигурност, согласно член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Во акцијата беа приведени поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, како и актуелниот министер без ресор Шабан Салиу. Уапсен е и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Џеват Селами.
Нема амнестија ни за високите ешалони, вели Тошковски
Министерот подвлече дека досегашната практика покажува суштинска разлика во работењето на институциите.
„Ова е првпат да имаме факти кои зборуваат сами за себе. Министерството за внатрешни работи денес работи различно. Не постои друг пример кога МВР ‘ин флагранти’ уапси врховен судија или дејствуваше против активно обезбедување на високи државни функционери, по насока и координација на јавниот обвинител. Не се согласувам со тврдења дека постои селективност, особено кога МВР континуирано поднесува кривични пријави и моментално се постапува по над 50 осомничени,“ заврши Тошковски.
Извор: 360 степени