Претседателот на РКЕ ги отфрла обвинувањата на Финансиската полиција
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, истакна дека ќе го следи процесот и нема да дозволи да му се извалка името, откако Управата за финансиска полиција му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувања.
„Сè што стои на располагање, јас ќе го дадам на соодветните институции и цврсто сум сигурен дека ќе докажеме дека апсолутно немало никакво прекршување, ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, нагласи Бислимоски.
Финансиската полиција го товари дека, иако бил законски обврзан, не ја одзема лиценцата за работа на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, која не ги исполнувала условите за вршење енергетска дејност.
Сите постапки според закон и без повластен статус
Бислимоски тврди дека сите постапки се водени според закон и на ист начин за оваа и за сите останати компании, не само во делот за нафтени деривати, туку и во секторот за електрична енергија.
„Во истиот период кога се води постапката за одземање на лиценцата на таа компанија што се споменува, и за други компании се води буквално истата постапка. Некои завршија со одземање на лиценца, а некои компании кои што во текот на постапката докажаа дека не ги исполнуваат критериумите за одземање на лиценца, лиценцата не им беше одземена… Апсолутно се применувани пропишаните рокови и процедури, во понатамошен период апсолутно тоа и ќе се докаже дека е така“, рече Бислимоски.
Целосна транспарентност и докази пред институциите
Претседателот на РКЕ уверуваше дека не постоел повластен статус за ниту една компанија, а постапките при одземање на лиценци се утврдувани од сериозен тим од Регулаторната комисија за енергетика. Тој додаде дека ќе ги достави сите податоци до надлежните институции за да се докаже законитоста на постапките и оти нема злоупотреба на службената положба.
„Сè што стои на располагање ќе биде доставено, и сум цврсто сигурен дека ќе се докаже дека постапките се спроведени согласно законот и правилниците“, заврши Бислимоски.
