Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека САД водат продуктивни разговори со Иран. Тој изјави дека Вашингтон нема да изврши нов напад врз Иран пред изборите за Конгресот, закажани за 3 ноември.
Трамп ја објави информацијата на својата социјална мрежа „Трут соушал“. Како што наведе, дипломатските контакти продолжуваат и покрај американските ограничувања кон Иран.
„Водиме продуктивни разговори со Исламската Република Иран“, напиша американскиот претседател. Истовремено, тој соопшти дека американската блокада на иранските пристаништа останува во сила, додека транспортот на нафта низ Ормускиот Теснец продолжува.
„Нема да го нападнеме Иран во ниту еден момент пред изборите за Конгресот на средината на мандатот, кои ќе се одржат во САД на 3 ноември“, порача Трамп.
Американскиот претседател не откри дополнителни детали за разговорите со Техеран, ниту прецизираше дали договор може да биде постигнат пред изборите.
