Стратешкиот договор со Британија не предвидува бегалски кампови во Македонија
Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Велика Британија не содржи никакви одредби за изградба на бегалски кампови, порача денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот одбор, Антонијо Милошоски, демантирајќи ги шпекулациите што се појавија во дел од британските медиуми.
Милошоски нагласи дека станува збор за сериозен и квалитетен меѓудржавен документ, кој предвидува соработка во клучни области како инвестиции, инфраструктура, безбедност и економски развој, но во ниту еден сегмент не опфаќа сместување на азиланти од Британија во земјава.
Тој објасни дека преку договорот се обезбедуваат финансиски средства наменети за изградба на железници, автопати, здравствени и енергетски проекти, потенцирајќи дека тврдењата за бегалски кампови се, како што рече, политички спинови на опозицијата.
„Точно е дека ќе се градат инфраструктурни проекти – железници, автопати, здравствени и енергетски капацитети. Но, за жал на оние што се обидуваат да спинуваат, нема да се градат никакви бегалски кампови во Македонија“, рече Милошоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека Велика Британија, по излегувањето од Европската Унија, склучува слични стратешки договори со земјите од Западен Балкан и со самата ЕУ, со цел зајакнување на механизмите за борба против нелегалната миграција и организираниот криминал. Според Милошоски, овој модел е комплементарен со Фронтекс и не претставува негова замена.
Како дополнителен демант на, како што ги нарече, шпекулациите, Милошоски ја посочи и изјавата на британскиот амбасадор, кој јавно нагласил дека договорот предвидува инвестиции во инфраструктура, економија, безбедност и образование, но не и бегалски кампови.
На крајот, Милошоски оцени дека продолжувањето на ваквите толкувања покажува недостиг на визија и конкретни предлози од страна на опозицијата за тоа како Македонија да гради постабилни партнерства и пријателства со држави како Велика Британија.
