Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 Телевизија истакна дека нема друга држава во Европската Унија каде претседателот на државата има 0,2 рејтинг, а опозицијата ја води власта 2 спрема 1 и тоа значи дека немаат легитимитет.
„Проблемот е што власта го стави во проблем народот и иднината на државата, тоа е суштината. Во право се европските политичари кога викаат вашата Влада прифати и во право се некои од нив што не можат да разберат зошто луѓето не го прифаќаат тоа, затоа што никаде не постојат толку не кредибилни политичари со толку ниско влијание кај народот колку што имаме ние во Македонија“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека суштината на проблемот е што овие луѓе немаат кредибилитет и колку подолго се таму каде што се, толку подолго ние како држава и како народ ќе имаме проблем.
„Затоа они тоа не можат да го разберат, бидејќи само во Македонија има претседател на држава со 0.2% рејтинг и не верувам дека таков политичар постои во Европа кој е а на висока државна функција. Не верувам дека некаде во Европа опозицијата има повеќе од 2 пати поголем рејтинг од најголемата владејачка партија и тоа е резултат на мерењето на јавното мислење“, посочи Мицкоски.