Промените во Законот за енергетика
Операторите на електрична енергија нема да можат да ги исклучат ранливите категории граѓани кои не плаќаат струја во зимскиот период, предвидува новиот Закон за енергетика кој веќе е на сила. Законот за енергетика опфаќа мерки за справување со т.н. „енергетска сиромаштија“, вклучувајќи и фискални и нефискални регулативи.
Енергетска сиромаштија и нови европски регулативи
Новитетите од законот беа претставени на брифинг со новинарите од страна на министерката за енергетика Сања Божиновска, заедно со претставници од ЕВН, ЕСМ и МЕПСО. Законот, обемен документ од 300 страници, претставува хармонизација со европските директиви за чиста енергија и обезбедува основа за дигитализација и подобро управување со потрошувачката на струја. Секој потрошувач ќе може да го промени својот оператор за енергија во рок од 48 часа.
Според Божиновска, законот вклучува воведување на батерии за складирање електрична енергија, зголемување на бројот на полначи за електрични возила и соодветна регулатива за нивно поставување. Предвидено е до 2031 година до 80% од граѓаните да набават паметни броила, кои ќе овозможат далечинско мерење на потрошувачката.
Граѓански енергетски заедници и 10-годишен инвестициски план
Законот предвидува и формирање на граѓански енергетски заедници, со цел зголемена вклученост на корисниците во производството и размената на енергија. Дополнително, ќе се изготви децениски план за инвестиции во енергетскиот сектор. МЕПСО, според новата регулатива, ќе премине под надлежност на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.