Мицкоски ги демантира тврдењата за мигрантски кампови – нема договор за прифаќање мигранти
„И не само што нема вистина, туку јас навистина не можам да ги сфатам овие политички гимнастики кои што ги прави опозицијата кај нас од аспект на сеење страв и паника кај граѓаните. Тоа е неодговорно однесување“, изјави Мицкоски.
Обвинувања за промигрантски политики во минатото
Премиерот нагласи дека токму поранешните влади воделе политики насочени кон интеграција на мигранти, потсетувајќи на документи и стратегии усвоени во минатото.
„Од друга страна ги разбирам затоа што ова е тема на која што тие мислат дека внатрешно ќе се мобилизираат, иако ако се вратиме наназад во минатото ќе забележиме дека практично политиката која што тие ја воделе и нивните Влади, е токму промигрантска, односно луѓе кои што воделе политика на интегрирање на мигранти. И тоа јасно го кажува националната стратегија од 2017тата година усвоена и донесена на владина седница од страна на тогашното министерство за социјална политика и труд, и врз основа на таа стратегија тие праќаат дописи во општините за да бараат соодветни места и локации каде што би се изградиле потенцијални кампови односно живеалишта на лица кои што се странски државјани и кои што би се интегрирале, читај мигранти“, вели Мицкоски.
Тој додаде дека не ја разбира стратегијата со која, како што рече, се плаши јавноста, оценувајќи дека ваквите тврдења ќе се покажат како неосновани.
„Од прилика тоа е накратко целата филозофија. Но во ред. Еве јас како што реков не можам да ги разберам за нивното неодговорно однесување, бидејќи сеат страв и паника кај одредена група граѓани. А од друга страна ги разбирам поради проблемите внатрешни кои што ги имаат во рамки на структурата. Но исто така не можам да ја разберам нивната пи-ар стратегија бидејќи ова ќе им се удри толку силно од глава бидејќи ќе дојде март, април, ќе дојде јуни 2026, 2027, и ќе нема мигранти. И тогаш што правиме? На изборите повторно ќе треба да излезе во 2028 година пред граѓаните со јасен концепт што сме кажале, што сме направиле итн“.
Порака до граѓаните и резолуцијата во Собранието
Мицкоски упати јасна порака дека додека тој е претседател на Владата, нема да постои никаква можност за прифаќање мигранти, без разлика на формата или договорот.
„Сакам да испратам порака до граѓаните, дека таков тип на прифаќање, на мигранти, легални, илегални, бидејќи гледам сега семантика бараат во зборовите, кои што се било каков дел од договор дали со Обединетото кралство, или било каков друг договор не постои, ниту пак додека сум јас претседател на Владата ќе постои“, нагласи Мицкоски.
Во однос на Резолуцијата поднесена во Собранието од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот истакна дека сите изнесени ставови се содржани во документот и ги повика пратениците од СДС да ја поддржат.
„Ние денеска во парламентот доставивме Резолуција со која што јасно кажуваме дека сето ова кое што сега го зборувам во воведот е содржано во Резолуцијата, и нормално со осуда за неодговорното однесување на опозицијата, па еве нека ја поддржат“, дециден е Мицкоски.
