Имплементацијата на Европскиот систем за влез и излез (EES) ќе се одвива според планот и нема одложување за септември 2026 година, соопшти Европската комисија во изјава за Н1. Од Брисел нагласуваат дека не се најавени нови продолжувања на роковите.
„Постепеното спроведување на ЕЕС ќе заврши на 9 април 2026 година. Сепак, регулативата веќе предвидува одредени флексибилности за земјите-членки за периодот по завршувањето на воведувањето. Ова не е ништо ново“, наведуваат од Комисијата.
Тоа значи дека до 10 април 2026 година сите гранични премини во Шенген зоната треба да бидат подготвени за целосна регистрација на државјани на трети земји, вклучително и патници од Македонија и регионот.
Претходно, дел од медиумите објавија дека воведувањето ќе се одложи за да се избегнат метежи во летната сезона. Од Комисијата појаснуваат дека постојната флексибилност во регулативата служи за управување со зголемен сообраќај, но не значи одложување на системот.
ЕЕС ќе ги замени печатите во пасошите со дигитална евиденција, која вклучува биометриски податоци и скенирање на лице, со цел подобра контрола на движењето и престојот на патниците во ЕУ.
