Основачот на берзата за крипто-валути Еф-ти-екс (FTX), Сем Банкмен-Фрид, останува во притвор на Бахамите. Судот му го одби барањето да биде ослободен со кауција бидејќи смета дека има „голем ризик од бегство“ и нареди продолжување на притворот до 8 февруари.
Тој вчера беше обвинет за една од најголемите финансиски измами во историјата на САД и беше приведен, меѓутоа пред судот на Бахамите тој се противи да им биде испорачан на американските власти.
Берзата која тој ја основа во 2019 година, пред еден месец поднесе барање за банкрот и остави многу свои корисници без можност да ги повлечат своите средства. Според обвинението со кое се соочува 30-годишниот основач, на своите 50 најголеми доверители им должи речиси 3,1 милијарди долари.
Меѓу најсериозните обвинувања се дека Банкмен-Фрид користел милијарди долари од средствата на своите клиенти за својата инвестициска трговска компанија „Аламеда“. Засега против него има вкупно осум кривични пријави во САД за измама, перење пари, заговор за измама …
Неговото вчерашно апсење следуваше во период кога тој се подготвуваше за сослушување пред американскиот Конгрес.