Резултатите од вонредните анализи на вода, почва и воздух покажуваат безбедно ниво за граѓаните – испитувањата ќе бидат повторени
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) спроведе вонредно испитување во засегнатото подрачје по пожарот во Трубарево, при што во неделата (14.09.2025) професионален експертски тим зема примероци за анализа на радиоактивност во вода, почва и воздух, како и примероци за присуство на тешки метали во вода и почва.
„Во текот на вчерашниот ден (15.09.2025), ИЈЗ извести дека според прелиминарните резултати, во земените примероци не е утврдено присуство на радиоактивност во воздух и почва, ниту пак тешки метали во вода“, се наведува во соопштението.
Денес (16.09.2025), ИЈЗ ги заврши анализите на примероците за тешки метали во почва и радиоактивност во вода. Во земените мостри беа испитани 16 тешки метали: Pb, Cd, As, Ni, Hg, Cr, Cu, Zn, Sn, Ba, Be, Co, V, Tl, Mo и Sb.
По завршените анализи, ИЈЗ заклучува дека нема отстапување од референтните вредности за сите испитани тешки метали. Исклучок е површинскиот слој на едно место каде што гореле литиумски батерии, каде што е забележано зголемување на бакар (Cu) и цинк (Zn), но тоа е во рамките на очекувањата.
Исто така, анализата на вода покажува дека примероците не содржат радиоактивност, што потврдува дека состојбата е безбедна за граѓаните.
ИЈЗ истакнува дека сите испитувања ќе бидат повторени согласно протоколите, и дека институцијата останува во континуирана координација со Министерството за здравство и другите надлежни органи, при што јавноста ќе биде навремено информирана за секоја наредна активност.