Стојанче Ангелов замина од ЦУК – поставен за директор на ДЗС

Стојанче Ангелов повеќе не е на чело на Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од денеска, тој е назначен за директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). На неговото место во ЦУК е поставен Мухамед Аљи. Тој наследува институција со сериозни предизвици – од недостиг на пилоти, до нефункционални договори со тимовите за брз одговор.

Ангелов во своето прво обраќање во новата улога посочи дека состојбата во системот е на раб на агонија, предупредувајќи на структурни слабости кои, ако не се решат, би можеле да ја доведат во прашање ефикасноста на државниот систем за заштита од пожари и катастрофи.

Ангелов: Обединување на ЦУК и ДЗС – решителен чекор за интегриран систем за управување со кризи

План за интегриран систем, реалност – хаос на терен

Како што откри Ангелов, постои идеја ЦУК и ДЗС да се спојат во еден интегриран систем за кризни ситуации и спасување. Но реалноста на теренот е далеку од тоа. ЕР тракторите не се сервисирани, недостигаат договори со клучни тимови, а опремата, обуката и физичката подготвеност на екипите се незадоволителни.

Инспекцискиот надзор во областа на противпожарната заштита, исто така, е во критична состојба. Недостасуваат обучени инспектори, а воедно постојат и сомнежи во легитимноста на издадените дозволи од страна на ДЗС. Дополнително, алармантна е и состојбата со чување на неексплодирани минско-експлозивни средства, кои според информациите, се складираат на несоодветен и потенцијално опасен начин, а во Дирекцијата работат само неколку специјалисти за оваа задача.