Авион од Приштина што вчера слета на истанбулскиот аеродром „Сабиха Гокчен“ на рутата Приштина–Истанбул излетал од пистата веднаш по приземјувањето, откако наместо да продолжи кон патеката за рулирање заврши на мека земјена површина и застана на крајниот дел од пистата.

Амбасадата на Косово во Турција потврди дека инцидентот поминал без повредени, ниту меѓу патниците ниту меѓу членовите на екипажот. „Авион на AJet, тип Boeing 737-800, кој оперирал на летот TKJ76Q / VF102 од Приштина до Истанбул, по слетувањето излетал од патеката за рулирање. Сите патници се евакуирани безбедно преку надворешни скали, без потреба од активирање на итните лизгалки. Нема пријавено повредени и патниците го продолжија патувањето кон своите дестинации“, соопшти амбасадата.

Од компанијата AJet наведоа дека приземјувањето било изведено регуларно, но поради силните дождови авионот при маневрирањето излетал на мека земјена подлога. Во меѓувреме, турските власти работат на расчистување на местото и на утврдување на точните причини за настанот.

Информацијата за инцидентот беше споделена и на платформата X, каде што беше наведено: „AJet 737-800 излетал од пистата при слетување на аеродромот ‘Сабиха Ѓокчен’. Во моментот имало силни врнежи. Сите патници од летот VF102 од Приштина биле безбедно евакуирани.“