Нема никакви проблеми во одржувањето на пензискиот фонд и редовната исплата на пензиите кон граѓаните. Сепак, потребно е навреме да се размисли за мерки со кои ќе се спречат евентуални предизвици во иднина. Ова прашање се отвора бидејќи претходната реформа со воведувањето на задолжителниот втор столб не ги дала посакуваните резултати.

Ваквата состојба главно се должи на фактот што приватните пензиски друштва кои управуваат со средствата од вториот столб не обезбедиле доволно приноси за повисоки пензии. Во моментов се разгледува можноста на граѓаните да им се овозможи слободен избор дали ќе продолжат да издвојуваат средства и во вториот столб или целосно ќе останат само во државниот фонд, за што претстои широка експертска и јавна дебата.

„Политичката цена никогаш не била мој приоритет. На крајот на денот доколку ние мислиме дека нешто е добро за државата, ние сме спремни да ја платиме било која политичка цена“, рече Мицкоски.

Проблемот настана со донесувањето на Законот за вториот задолжителен пензиски столб, каде што според одредени проценки во моментов има акумулирано меѓу 2,5 и 3 милијарди евра. При самото законско решение биле прифатени услови за очекувани приноси кои во пракса не се остваруваат.

„Поголемиот проблем е тоа што кога е носен законот се прифатени условите колкави треба да се приносите за вториот пензиски задолжителен столб, а тие не се толкави, односно друштвата кои ги управуваат парите коишто таму се уплаќаат со својата претприемачка политика, со својот бизнис модел не успеваат да обезбедат такви приноси колку што требало да обезбедат. Ние не зборуваме за приноси коишто се двоцифрени. Ние зборуваме за приноси коишто се во рамките на 5 проценти, а сега за жал се три пати помалку, или околу 1,5 посто“, рече Мицкоски.

Владата врши детални анализи за идните чекори со цел изнаоѓање на најодржливото решение преку дијалог со сите засегнати страни.

„Тоа е едно од можните решенија на коишто конвергираме, но, за ова ќе треба една јавна дебата да ја ислушаме и експертската јавност и луѓето коишто се занимаваат со оваа проблематика за да можеме да дојдеме до решението“, потенцира Мицкоски.

Ваквите чекори се неопходни бидејќи пензиските друштва не ги оплодуваат средствата на граѓаните според првичните проекции. Постојат различни меѓународни практики во Европската Унија, почнувајќи од земји во Централна Европа каде вториот столб беше целосно национализиран, па сѐ до скандинавските модели каде функционира исклучиво државен систем, но владиниот став е одлуката да ја носат самите осигуреници.