Нема продолжување на зимскиот распуст поради грипот
Нема да има продолжување на зимскиот распуст поради грипот, и покрај зголемениот број заболени. Од 5 до 11 јануари се регистрирани 2.322 случаи на грип, што е за 34,6 проценти повеќе во однос на претходната недела. Според Институт за јавно здравје, на национално ниво е утврдена средна активност на вирусот, што засега не наметнува потреба од рестриктивни мерки како продолжување на распустот.
Очекуван раст и пик до средината на февруари
Раководителот на Одделот за епидемиологија при ИЈЗ, Драган Кочински, информира дека зголемувањето на бројот на заболени е очекувано за овој период од годината и дека пикот на грипот се очекува од крајот на јануари до средината на февруари. Оваа сезона, како што посочи, растот започнал неколку недели порано од вообичаеното. Има пораст и на хоспитализациите кај возрасните и кај децата, но болничките капацитети не се целосно исполнети. Комисијата за заразни болести заседавала и ќе излезе со препораки, меѓу кои и носење маски при болнички посети каде што тоа е дозволено.
Податоци по региони и препораки до граѓаните
Во споредба со истата недела од минатата сезона, бројот на заболени е зголемен 2,2 пати, а во однос на просекот од последните 15 сезони – за 39,1 процент. Најмногу заболени има кај лицата на возраст од 15 до 64 години, додека највисока инциденца е регистрирана кај децата до 14 години. Најголем број случаи се пријавени во Скопје, а следуваат Тетово, Куманово и Охрид. Пријавен е и еден смртен случај асоциран со грип кај 75-годишна жена од Скопје, со коморбидитети и без вакцинација. Од ИЈЗ апелираат на избегнување гужви, редовно проветрување, останување дома при симптоми и навремена медицинска помош, при што вакцинацијата останува најдобра превентивна мерка.
