Нови правила за јавните простори

Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето се предвидува поостра регулација на пушењето на отворени јавни простори каде има поголемо присуство или движење на луѓе. Регулативата опфаќа простори околу здравствени, образовни и социјални установи, јавни собири, спортски и културни настани, како и локации наменети за деца, млади и семејства.

Пушењето ограничено таму каде нема избор

Како што се посочува, клучниот проблем на ваквите отворени простори е фактот што кога луѓето се наоѓаат на мало растојание, чадот и аеросолите директно се вдишуваат, а изложеноста е непосредна. На вакви локации граѓаните често немаат реална можност да се оддалечат, што е особено ризично за децата, постарите лица и хронично болните.

– Законот интервенира исклучиво таму каде што постои неизбежна изложеност на други лица, со цел јавниот простор да биде здрав и безбеден за сите – нагласува министерот за здравство, Азир Алиу.

Забрана за пушење при чекање во ред

Посебен акцент во предлог-законот е ставен на ситуациите кога граѓаните чекаат во ред на отворено, како на пример пред културни институции или спортски објекти. Во вакви случаи, лицата реално не можат да избегнат изложеност на чад од цигари, што ја оправдува интервенцијата на законодавецот со цел заштита на здравјето.

Посебна заштита за децата и семејствата

Дополнително, пушењето се ограничува и на места наменети за деца, млади и семејства, како што се простори пред детски игротеки. Таму, најмладите немаат можност самостојно да се заштитат од чадот, поради што овие локации се препознаени како приоритетни за заштита.

– Отворен простор не значи автоматски и безбеден простор, особено кога е функционално ограничен или кога луѓето се наоѓаат блиску едни до други и се директно изложени на чад од цигари – појаснува министерот Алиу, потенцирајќи дека заштитата на најмладите е еден од клучните аспекти на новата законска рамка.