Нема услови за авионска евакуација преку Тел Авив, информира македонската амбасада
Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел нема да можат да бидат евакуирани по воздушен пат, поради затворањето на аеродромот и воздушниот простор над Тел Авив. Според соопштението кое денеска го објави македонската амбасада во Израел, во моментов нема услови за авионска евакуација. Како замена е понудено решение преку морски транспорт од Ашдод до Лимасол (Кипар).
„Во моментов нема услови за авионска евакуација преку аеродромот во Тел Авив. Ги информираме граѓаните дека постои алтернативна морска рута од Ашдод до Лимасол (Кипар), преку компанијата ‘Mano Shipping’,“ стои во соопштението на Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив.
Бродот „Crown Iris“ заминува на 27 јуни во 12 часот од Ашдод
Како што се наведува, следната достапна опција за напуштање на Израел е бродот „Crown Iris“. Бродот е во организација на приватната компанија „Mano Shipping“. Според најавеното, бродот треба да отплови на 27 јуни (петок) во 12:00 часот од пристаништето Ашдод, а има капацитет за 1.500 патници.
Карти за пловењето можат да се купат директно преку официјалната веб-страница на „Mano Shipping“, информира амбасадата.
Апел за државјаните без пасош да се јават во амбасадата
Дополнително, од дипломатската мисија во Тел Авив упатија апел до сите македонски државјани кои немаат важечки патни документи, да стапат во контакт со амбасадата за да добијат соодветна документација за патување.
„Ги повикуваме сите македонски државјани кои немаат валиден пасош да се јават во Амбасадата за издавање на патен лист,“ се наведува во апелот на дипломатската мисија.