Борбата против корупција и криминал е сржта на новиот систем – институции кои не молчат, туку дејствуваат
„Кога ја презедовме одговорноста за управување со државата, знаевме дека ќе мораме да се соочиме со еден од најголемите предизвици – да ја вратиме правдата таму каде што била протерана, да изградиме институции што не се плашат, туку делуваат. Наша обврска е да воспоставиме систем кој ќе ги штити чесните, а ќе ги изведува пред лице на правдата оние што ја краделе државата. Денес, токму тука, испраќаме јасна порака – тоа време дојде“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој ова го кажа на одбележувањето на 22-годишнината од формирањето на Управата за финансиска полиција, потенцирајќи дека борбата против корупција и криминал е обврска од која нема отстапување.
„Сериозен е податокот што од 1 септември 2024 до 10 јуни 2025 година, Финансиската полиција поднела 36 кривични пријави, со кои е откриена штета или е утврдена и противправна имотна корист во висина од речиси 30 милиони евра. Овие пари се на граѓаните, и ова е пример како се штити имиџот на државата“, рече тој.
„Нема веќе недопирливи“ – правдата ќе важи за сите, без партиска или етничка селекција
„Овие пријави не се обични бројки – зад нив се кријат конкретни злоупотреби и поединци кои мислеле дека државата е нивен имот. Во оваа борба нема партиска припадност, нема етничка припадност. Правдата е слепа, но достижна. И овие бројки се најсилен доказ дека државата се буди и дејствува. Нема веќе недопирливи. Нема веќе молк. Ова е ново време на одговорност“, порача Мицкоски.
Тој потенцираше дека борбата не е задача само на една институција, туку мисија за целата држава: „Тоа е борба за душата на државата, за заедничката иднина. Каква иднина ќе оставиме за нашите деца зависи од тоа што ќе го направиме сега. Македонија е уморна од чекање. Ова е последната шанса.“
„Ние не градиме само економија и патишта – ние градиме правда. Ние зборуваме за ослободување од стравот, неказнивоста, мафијата во клучните сектори“, додаде премиерот.
Храбри институции, силни пораки: „Ќе одговарате“ – „Продолжете храбро“ – „Оваа Влада стои зад народот“
„На сите кои ја злоупотребиле довербата – им порачувам: Ќе одговарате. На сите кои чесно работат во институциите – им порачуваме: Продолжете храбро. Вие сте чувари на државата. И на граѓаните – да знаете: Оваа Влада стои зад вас. Не зад криминалците. Не зад тајкуните. Туку зад секој човек што верува во правда“, изјави Мицкоски.
Премиерот го цитираше и Џон Кенеди: „Корупцијата е најголемиот непријател на демократијата. Таа ја руши довербата и ја труе надежта.“
„Ние сме тука да ја вратиме и довербата – и надежта. Тоа што Управата за финансиска полиција за девет месеци откри криминал вреден 30 милиони евра, е доказ за решеноста да расчистуваме со криминалот. Ова е чекор напред дека ги градиме темелите на промените. Нема назад. Македонија оди напред – како држава на ред, правда и одговорност“, заклучи премиерот.