Од денеска (20 декември) па до конечната одлука, од граѓаните не смеат да се бараат податоци за впишување на националност во изводите за родени, венчани и умрени лица, објави Радио Слободна Европа.

Од Уставниот суд каде денеска се испитуваше законитоста на Упатството за матични книги, во кое беше дадена графата за националност, информираат дека е донесена времена мерка со која се става надвор од употреба Упатството, додека не се донесе конечна одлука за предметот.

Уставните судии сметаат дека националната припадност е лично чувство, емпириски непроверлив податок и слобода на изразување утврдена со Уставот, а компаративната анализа покажала дека нема држава во која изразувањето националност е задолжително.

Упатството за матичните книги, во кое беше додадена графата за националност, беше донесено од министерот за правда Кренар Лога на 29 мај годинава. Актот беше објавен во „Службен весник“ на 15 јуни, односно 17 дена од неговото усвојување, или поконкретно 10 дена од истекот на законскиот рок за оваа процедура.

Тој објави упатство за матичните служби врз основа на закон од 95-та година, што беше оспорен пред Уставниот суд од Левица. Во јули Судот времено го стопираше ова упатство, но немаше мнозинство за донесување одлука.