Агенцијата за разузнавање во периодот на влез на Алта банка во државата не располагала со разузнавачки сознанија што би укажувале на безбедносни закани или ризици што би наложиле известување на државниот врв. Ова го истакна директорката на Агенцијата за разузнавање Габриела Јаковлева за време на надзорната расправа во Собранието посветена на случувањата со оваа банкарска институција.

Одговарајќи на прашања од пратениците, Јаковлева нагласи дека пред секоја информација да биде доставена до надлежните институции, таа задолжително минува низ темелен процес на проверка и стручна евалуација.

„Во моето излагање кажав дека во моментот немавме информации кои ги споделивме до државниот врв конкретно. Пред да се споделат одредени информации, следи сериозна фаза на нивна евалуација, задолжителна проверка на нивната точност и веродостојност, како и оцена на релевантноста на изворите. Не биле исполнети условите за задолжително известување на државниот врв поврзано со Алта банка“, рече Јаковлева.

Таа исто така посочи дека Агенцијата останува целосно посветена на следење на сите појави што можат да имаат негативно влијание врз националната и економската безбедност, додавајќи дека институцијата е подготвена во затворен формат да сподели дополнителни детали и информации со надлежната собраниска комисија.

На дополнително прашање од пратеничката Славјанка Петровска за тоа дали Агенцијата располага со сознанија за контакти на лица од политичкиот, бизнис или медиумскиот сектор во земјава со Давор Мацура во врска со Алта банка, Јаковлева одговори дека службата нема такви конкретни информации.

„Во овој случај можам да кажам дека немаме конкретни информации кои би можеле да ги споделиме во однос на конкретни активности. За сите активности кои ги следиме сме координирани со безбедносните институции во државата и со меѓународните партнери“, рече Јаковлева.

Директорката потсети дека Агенцијата за разузнавање нема извршни овластувања, туку има клучна улога во навремената размена на информации и механизмите за рано предупредување, при што сите релевантни сознанија редовно се споделуваат со институциите што имаат законски надлежности да постапуваат.

Одговарајќи на прашање поставено од пратеничката Лидија Петковска околу пошироката безбедносна состојба, Јаковлева појасни дека службата будно ги следи последиците од војната во Украина, актуелните состојби на Блискиот Исток, регионалните политички кризи, странските влијанија, хибридните закани, тероризмот, кибер безбедноста, како и предизвиците поврзани со енергетската и економската безбедност. Таа додаде дека размената на информации со НАТО сојузниците и партнерските служби се одвива континуирано и претставува клучен елемент за обезбедување навремени и проверени податоци за државниот врв.

На почетокот од своето обраќање, Јаковлева потенцираше дека Агенцијата за разузнавање како надворешна разузнавачка служба има исклучива надлежност да собира, анализира и да проценува информации од суштинско значење за националната безбедност, надворешната политика, одбраната и економските интереси на државата, доследно постапувајќи според начелата на законитост, објективност и политичка неутралност.